Ercan Canbolat
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Државјаните на Турција при патувањето во Украина, како и државјаните на Украина при патување во Турција, од денес можат да влезат во овие земји само со лична карта, јавува Anadolu Agency (AA).
Одлуката меѓу двете земји за патување без пасош стапи на сила денес, по билатералниот договор кој беше потпишан во средината на март оваа година.
Така, денес на аеродромот „Есенбога“ во Анкара пристигна првата група украински државјани кои при влез на турска територија не мораа да го покажат својот пасош.
Оваа група ја дочека амбасадорот на Украина во Турција, Андреј Сибиха, кој во таа пригода го изрази своето задоволство од можноста што им се укажува на државјаните на неговата земја.
„Само во минатата година, повеќе од милион украински туристи ја посетија Турција, а околу 200 илјади турски туристи престојуваа во Украина. Очекуваме дека стапувањето на сила на овој договор ќе придонесе за зголемување на бројот на туристите за 30 отсто“, изјави Сибиха.
Меѓу првите Украинци кои во Турција допатуваа со лична карта е и новинарката Олга Вдовенко. Таа истакна дека е среќна бидејќи меѓу првите ја искористила оваа поволност.
Вдовенко нагласи дека оваа одлука е мошне значајна со оглед на тоа што голем број нејзини сонародници доаѓаат во Турција, и за шопинг, но и на одмор.
Турската Влада минатата година донесе одлука со која престојот без визи во Турција за државјаните на Украина е зголемен од 60 на 90 дена.