Merve Aydoğan
21 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, денес ја критикуваше заканата на американскиот претседател, Доналд Трамп, за прекин на помошта за земјите кои гласаа за резолуцијата на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД беа оставени сами покрај 14. земји-членки на Советот за безбедност каде што на крајот дојдоа до точка да се закануваат на оние кои гласаа против одлуката на САД“, изјави Јилдирим.
Во својот говор на самитот на Истанбулскиот технички универзитет (ITU), Јилдирим, го повика Трамп да покаже здрав разум, велејќи дека сите нации уживаат свој суверенитет и имаат право да направат свој избор.
„Да бидеш моќен не значи дека си во право“, нагласи тој.
Пред помалку од две недели, откако Вашингтон направи потег за признавање на Ерусалим (Кудс) за главен град на Израел и го започна процесот за преместување на амбасадата од Тел Авив (град во кој сите други нации имаат амбасади), САД вложија и вето на резолуцијата на Советот на безбедност на ОН која го отфрла воспоставувањето на дипломатски претставништва во Кудс.
„Тие добиваат стотици милиони долари, па дури и милијарди долари, а потоа гласаат против нас. Ќе ги следиме тие гласови. Нека гласаат против нас. Многу ќе заштедиме. Не сме многу загрижени", изјави Трамп во своето обраќање во Белата куќа.
„Тоа не е веќе како што беше порано кога некои гласаа против вас, а вие сè уште им исплаќате стотици милиони долари, не знаејќи што прават со нив“, рече американскиот претседател.
Сите четиринаесет земји-членки на Советот за безбедност гласаа за нацрт-резолуцијата во Советот за безбедност на ОН за Кудс, предложена од Египет по иницијатива на Турција, со која се бараше одлуките за статусот на Кудс да немаат правен ефект и да бидат отфрлени. Само Соединетите Американски Држави (САД) ставија вето на таа резолуција.
Генералното собрание на ОН денес ќе се состане на посебна вонредна седница по повод одлуката на Трамп. За разлика од Советот за безбедност, САД немаат моќ за вето во Собранието.
- Кризата на Рохинџа муслиманите, навреда за човештвото -
Осврнувајќи се на неговата посета на Бангладеш и камповите на араканските муслимани, Јилдирим ја опиша нивната ситуација како навреда за човештвото.
Тој изјави дека бегалците во Кокс Базар, каде што се засолнати стотици аракански муслимани (Рохинџа) бегајќи од насилствата во Мјанмар, се лишени од сѐ.
„Се надеваме дека оваа навреда за човештвото ќе заврши наскоро“, додаде тој.
Цитирајќи го договорот потпишан помеѓу Бангладеш и Мјанмар за враќање на Рохинџа бегалците во Аракан (Мјанмар), Јилдирим рече дека спроведувањето на договорот „зависи“ од тоа дали ОН ќе го прифатат.
„Во светот има 65 милиони бегалци“, рече Јилдирим и нагласи дека тоа е глобално прашање кое не може да се реши со градење на повисоки ѕидови.