Sefa Şahin
07 Септември 2016•Ажурирај: 07 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Турските вооружени сили (TSK) ја продолжија антитерористичката операција во пограничната југоисточна област Чукурџа и со воздушни напади во потполност уништија едно активно упориште, едно засолниште и еден камп на терористите на ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на турската војска соопшти дека турските воздушни сили врз основа на разузнавачки информации за терористичките цели, утрово околу 5 часот по локално време успешно извршиле напади на тие цели во непосредна близина на турско-ирачката граница.
По завршувањето на нападот, турските бомбардери се вратени во базата од која полетале.
Планинските предели во областа Чукурџа, во покраничната покраина Хакќари, се важна рута на терористите на ПКК кои дејствуваат во планините на југоисточниот дел од Турција и во северен Ирак. Во изминатите неколку дена, турските сили ги интензивираа операциите со цел да ги неутрализираат терористичките елементи во тој регион.
Сепартистичката организација ПКК се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и во ЕУ, а станува збор за група што веќе подолго од три децении води оружена кампања против Турција.
Терористичките активности на ПКК беа интензивирани во јули минатата година, а турските безбедносни сили од крајот на минатата година водат опсежни антитерористички операции во Турција и во северниот дел на Ирак. Досега во тие акции животот го загубија 600 припадници на турските безбедносни сили, а неутрализирани се повеќе од 7.700 терористи.