Muhammed Bilal Kenasari
10 Јули 2018•Ажурирај: 11 Јули 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Сoединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, го претстави судијата Брет Кавано од Апелациониот суд во Вашингтон како кандидат за судија на Врховниот суд, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Трамп изјави: „Кавано е личност која на најдобар начин ќе ги спроведува американските закони“.
Трамп за Кавано рече дека е најдоброто име кое треба да го замени Ентони Кенеди, кој заминува во пензија, во Врховниот суд.
Кавано во своето обраќање првенствено му се заблагодари на Трамп за номинацијата и изјави: „Се гордеам и ве уверувам дека нема да ве разочарам за довербата што ми ја укажавте“.
Брет Кавано завршил право на Универзитетот „Јеил“, еден од најпрестижните универзитети во САД. Интересен е фактот дека и неговите родители се правници.
Кавано (53) предава на неколку престижни универзитети, како што се Харвард, Јеил и Џорџтаун. Тој му беше советник на поранешниот американски претседател Џорџ В. Буш.
Кавано е втора личност која претседателот Трамп во својот мандат ја кандидира за член на Врховниот суд.
Трамп претходно, на местото на починатиот Антонин Скалија, како кандидат го предложи Нил Горсач (49). По одобрувањето во американскиот Конгрес, Горсач стана деветти судија во Врховниот суд на САД.
Доколку американскиот Конгрес ја потврди кандидатурата на Брет Кавано, тогаш бројот на судиите номинирани од републиканските претседатели ќе ја сочува својата надмоќ во Врховниот суд.