Hakan Çopur
06 Март 2018•Ажурирај: 06 Март 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп наговести дека во мај може да го посети Ерусалим (Кудс), за да присуствува на официјалното отворање на амбасадата на САД во тој град, пренесува Anadolu Agency (АА).
„Би можел. Би можел. Ако можам, тоа и ќе го направaм“, изјави Трамп, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
„Досегашните претседатели само зборуваа за ова прашање и постојано даваа предизборни ветувања. Ние, од друга страна, направивме конкретен чекор“, изјави Трамп.
Односите на САД и Израел ги оцени „блиски како никогаш порано“, додавајќи дека наскоро ќе бидат потпишани многу важни билатерални договори поврзани со економијата, трговијата и воените прашања.
„Прашањето за Ерусалим го отстранивме од преговарачката маса“, рече американскиот претседател, напоменувајќи дека со тоа е отстранета барем една пречка на патот кон постигнување мир во регионот.
Тој истакна дека САД блиску соработуваат со Израел, како и со Палестина, во рамките на мировниот процес.
Нетанјаху во обраќањето пред новинарите рече дека изразил благодарност кон американскиот претседател за неговата одлука амбасадата на САД да се пресели во Ерусалим (Кудс), истакнувајќи дека израелскиот народ тоа никогаш нема да го заборави.
Нагласи дека Трамп го исполнил ветувањето дадено претходно од страна на другите американски претседатели.
„Одлуката за Ерусалим е историска одлука, нешто на што нашиот народ со векови ќе се потсетува“, рече Нетанјаху.
На крајот истакна дека Иран претставува голем проблем за рамнотежата на силите во регионот.
„Иран е најголемиот предизвик за САД, за Израел но и за нашите арапски соседи на Блискиот Исток. Иран не се откажува од нуклеарните аспирации. Спроведува агресивни активности во секоја област, вклучувајќи ги и нашите сопствени граници. Иран мора да биде запрен“, изјави Нетанјаху.
Американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот од 2017 година го призна Ерусалим (Кудс) како „главен град на Израел“. И покрај острите реакции на Палестинците и на меѓународната заедница, американската администрација одби да ја повлече оваа одлука.