Yunus Okur
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ЕРЗУРУМ (АА) - Турските вооружени сили од 24 јули 2015 година неутрализираа околу 10.560 терористи во акциите против терористичката организација ПКК, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако припадниците на ПКК на 22 јули 2015 година усмртија двајца турски полицајци во местото Џејланпинар, во областа Шанлиурфа, југоисточна Турција, беа започнати интензивни антитерористички акции против ПКК.
Жандармеријата, полицијата, војската и припадниците на Националната разузнавачка служба (МИТ) ги здружија силите против ПКК. Започнати се антитерористички акции во источна и во југоисточна Анадолија, поточно во областите Дијарбакир и Ширнак, во кои припадниците на ПКК имаа многу засолништа.
Припадниците на ПКК се соочија со воздушни напади од бомбардерите Ф-16 и од беспилотни летала опремени со оружје, додека од копно им се закануваа други припадници на вооружените сили. Со овие акции во источниот и во југоисточниот дел ѝ беа нанесени тешки удари на организацијата чија цел е да се наруши мирната средина.
За да не дојдат во контакт со припадниците на безбедносните сили, терористите ги криеле темпираните експлозивни уреди во куќи, светилишта, училишта, но и на патиштата.
Во нападите на припадниците на ПКК во текот на 557 дена, односно од 24 јули 2015 година до 31 јануари 2017 година загинаа 823 припадници на безбедносните сили и 343 цивили. Во овие напади беа ранети повеќе од 4.000 припадници на безбедносните сили и над 2.000 цивили.

За време на антитерористичките операции беа запленети повеќе од 6.000 парчиња оружје, 145 тона експлозивен материјал и повеќе од 15.000 бомби.
За време на антитерористичките акции во споменатите подрачја во Турција, народот не застана зад терористичките организации, па и цивилите станаа нивна цел. Покрај нападите на припадниците на безбедносните сили, терористите на ПКК не се воздржуваа ни од напади на младите, старите, децата...
Да потсетиме дека на првиот ден од Курбан Бајрам во 2016 година, во Ван беше извршен бомбашки напад на полициската станица пред седиштето на Партијата за правда и развој (АК Партија) и притоа беа ранети 54 лица, меѓу кои 50 цивили и четворица полицајци.
Во ноември 2016 година, припадниците на ПКК извршија напад недалеку од зградата на специјалните единици во Дијарбакир. Во нападот загинаа 11 лица, од кои двајца полицајци, а повеќе од 100 лица беа ранети.
ПКК во август 2016 година изврши бомбашки напад на регионалната Дирекција на полицијата во областа Елазиг, при што загинаа тројца полицајци, а беа ранети околу 100 лица, меѓу кои и цивили.
Во декември минатата година, по натпреварот на фудбалските клубови Бешикташ и Бурсаспор терористите на ПКК извршија два терористички напада во интервал од 45 секунди. Тогаш загинаа 45 лица, од кои 37 полицајци. Беа хоспитализирани 165 ранети лица.
Во средината на декември, во Кајсери, припадниците на ПКК извршија напад на возило во кое се наоѓаа две воени лица. Загинаа 14 војници, а 55 лица беа ранети, од кои 54 војници.
Цел на терористите не беа само припадниците на безбедносните сили и цивилите, туку и претставниците на власта. ПКК го зголеми бројот на напади на истакнати личности кои не ја делат нивната идеологија.
И покрај тешките временски услови и непристапниот терен, Турските вооружени сили (ТСК) одлучно ја продолжуваат борбата против тероризмот во Хакќари, Ширнак, Дијарбакир, Битлис, Ван, Тунџели, Сирт, но и во другите источни и југоисточни делови на земјата.