ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј ја бара многу потребната согласност од Долниот дом за нејзиниот Договор за повлекување на Велика Британија од Европската Унија на историско гласање закажано за вечерва, пишува Anadolu Agency (AA).
За Договорот првично беше закажано гласање во Парламентот во декември, но поради силното спротивставување, Меј го одложи гласањето за денес, 15 јануари.
Меј не доби доволна поддршка за Договорот, не само од опозициските партии, туку и пратениците од нејзината, Конзервативна партија, соопштија дека ќе гласаат против.
Вчера Тереза Меј побара од пратениците пред клучното гласање повторно да го разгледаат Договорот.
Во синоќешната изјава до Долниот дом на британскиот Парламент, Меј истакна дека доколку Договорот се прифати, Велика Британија и ЕУ ќе имаат речиси две години да преговараат за финалниот трговски договор, што не предизвика големо влијание кај пратениците.
Меј ги поздрави новите ветувања од ЕУ во однос на влијанието на Договорот врз Северна Ирска, велејќи дека тие имаат „правна сила“.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, преку писмо истакнаа дека ќе се обидат да најдат технички решенија за прашањето на границата со Ирска. Но писмото имаше мал ефект, бидејќи пратениците велат дека тоа не претставува правно обврзувачки документ.
- Кога е гласањето?
Гласањето ќе се одржи во Долниот дом на британскиот Парлемант во 19:00 часот по локално време.
- Како ќе гласаат партиите?
Конзервативна партија
Водечката партија има вкупно 316 застапници во Долниот дом, но не се очекува сите да го дадат својот глас за Договорот.
Меј претрпе два понижувачки порази минатата недела, откако некои пратеници од владејачката Конзервативна и од главната опозициска Лабуристичка партија гласаа за зајакнување на струјата во Парламентот во насока на Брегзит без договор.
Некои од тврдокорните застапувачи на Брегзит, меѓу кои и поранешниот британски секретар за надворешни работи, Борис Џонсон, поранешниот секретар за Брегзит, Дејвид Дејвис, и пратеничката Ана Соубри, отворено нагласија дека ќе го отфрлат Договорот.
Лабуристичка партија
Предводена од Џереми Корбин, Лабуристичката партија моментално има 257 места во Долниот дом. Корбин во неколку наврати нагласи дека ќе гласаат против Договорот на Меј.
Вчера тој истакна дека Меј не успеала да ги добие правните гаранции што претходно ги ветила и дека Долниот дом ќе гласа за истиот неуспешен договор.
Тој рече дека Владата е во конфузија, и истакна дека доколку Договорот се отфрли, ќе биде време за општи избори и за нова влада.
Шкотската национална партијa
Шкотската национална партија соопшти дека Договорот не е во најдобар интерес за шкотскиот народ и за економијата, и дека според тоа, таа нема да го поддржи. Шкотската национална партија во Долниот дом има 35 пратеници.
Либералдемократите
Проевропската партија јасно стави до знаење дека ќе има партиска согласност за гласање против Договорот. Либералдемократите имаат 11 пратенички места.
Демократска унионистичка партија
Демократската унионистичка партија, владиниот де факто партнер откога Меј го загуби парламентарното мнозинство на предвремените избори во 2017 година, исто така нагласи дека ќе гласа против Договорот, бидејќи тие се незадоволни од членот за границата.
Гласовите на оваа партија се клучни, дури и ако сите пратеници од Конзервативната партија гласаат за Договорот, бидејќи на Меј ќе ѝ требаат најмалку четири гласа од партијата на Северна Ирска.
- Бројот не се зголемува
Меј има потреба од поддршката на вкупно 326 пратеници за да може нејзиниот Договор да се изгласа во Долниот дом на британскиот Парламент.
Вкупниот број на пратенички места во Долниот дом изнесува 650.
Сепак, има само 639 подобни гласови, бидејќи спикерот на Долниот дом, Џон Беркоу, и неговите тројца пратеници, како и седум пратеници од Шин Фејн, нема да гласаат.
Значи, за изгласување на Договорот потребни се гласовите од најмалку 320 пратеници.
- Ирската граница
Бидејќи Велика Британија го напушта блокот во март 2019, границата меѓу Северна Ирска - територија на Велика Британија - и Република Ирска, ќе остане како единствена копнена граница помеѓу Велика Британија и Европската Унија (ЕУ).
Границата во моментот е невидлива, а луѓето, стоките и услугите можат слободно да минуваат. Но откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ, на границата, технички, ќе бидат потребни некој вид проверки.
Поради чувствителната природа на подрачјето и поради тоа што слободниот премин е еден од клучните членови во Договорот од Белфаст во 1998 година, Велика Британија, ЕУ, Северна Ирска и Ирска ја отфрлаат идејата за враќање на т.н. вообичаена граница, во кој случај ќе треба да се постават контролни пунктови и царински згради.
Граничното прашање е едно од најтешките во преговорите за Брегзит, бидејќи допрва треба да се пронајде решение кое би било прифатливо за сите страни.
Главното несогласување околу прашањето на границата е во однос на предлогот на ЕУ - да ја задржи Северна Ирска во рамките на единствениот пазар на ЕУ и царинската унија по Брегзит додека не се најде решение - бидејќи тоа би создало еден вид граница во Велика Британија во Ирското Море.
Меј постојано нагласуваше дека нема да прифатат ниту едно решение кое би ја поделило Велика Британија.
Демократската унионистичка партија, која е и најголема политичка партија во Северна Ирска, соопшти дека нема да се согласи на финален договор со кој Северна Ирска би била одвоена од остатокот на Велика Британија.
Затоа, Меј можеше да преговара за граничник за целата територија на Велика Британија и Договорот го вклучи ова, откако беше постигнат со ЕУ. Сепак, заговарачите на Брегзит не се задоволни со оваа клаузула.
- Што ќе се случи ако Договорот се отфрли?
Премиерката Тереза Меј се очекува да го информира Парламентот за планот Б на Владата во рок од три работни дена.
Меј тврди дека нејзиниот Договор е најдобар за интересите на државата и алтернативата би била напуштање на Европската Унија без договор.
Сценаријата ако Меј претрпи пораз денес ја вклучуваат и нејзината оставка, нови општи избори, продолжување на процесот за членот 50, и референдум за Брегзит со или без договор.
Велика Британија треба да го напушти блокот на 29 март, по над 40-годишно членство во Унијата.
news_share_descriptionsubscription_contact
