Cuneyt Davut
08 Септември 2016•Ажурирај: 09 Септември 2016
СОФИЈА (АА) - Во главниот град на Бугарија, Софија, започна 25. Генерално собрание на новинските агенции од Југоисточна Европа (АБНА-СЕ) и 8. Годишен состанок на црноморските национални новински агенци (БСАННА), јавува Anadolu Agency (AA).
Собранието и годишниот состанок, организирани од страна на Бугарската телеграфска агенција (БТА), започна со свечено отворање во централното седиште на БТА, во бугарскиот главен град.
На Генералното собрание, покрај АА учествуваат и претставници на новински агенции од различни земји и од регионот: МИА од Македонија, АТА од Албанија, ФЕНА од Босна и Херцеговина, ТАНЈУГ од Србија, како и АЗЕРТАЦ, СТА, КАЗИНФОРМ, СРНА, ТАА, АГЕРПРЕС, АРМЕНИПРЕС, ЕАНА, БЕЛТА и АФП. АА ја претставува уредникот на вестите на македонски и на албански јазик, Аднан Идриз.

Годишниот состанок на тема „Улогата на новинските агенции во време на кризи“ се одржува од 7 до 11 септември, во главниот град на Бугарија, Софија, и во градот Несебар, на брегот на Црното Море во Бугарија.
Во говорите на отворањето, генерално, во фокус се темите како што се глобализацијата на интернетот, почитувањето на човековите права во медиумите, етиката во вестите, точноста, менаџирањето во кризни моменти, иновациите, како и темите за социјалните мрежи.
За време на говорите беше истакнато дека новинските агенции во време на војни, природни катастрофи, политички, економски и бегалски кризи можат да бидат корисни, но исто така можат да бидат и штетни. Беа потенцирани деталите на процесот на подготовката на веста, од нејзиното земање од изворот, па сѐ до пренесувањето на јавноста.
На средбата на Собранието и Годишниот состанок, каде што присуствуваа сите претставници на новинските агенции, АА ја подели книгата, на англиски јазик, во врска со обидот за државен удар од 15 јули.