Bekim Laci
21 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија попладнево со 35 гласа „за“, без воздржани, и 47 „против“ не го усвои Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на Претседателот на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
За да биде прифатен предлогот, за кој се дебатираше пет дена, потребно беше двотретинско мнозинство. Предлогот беше поднесен од пратениците од опозицијата кои се противеа на одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција, која подоцна беше повлечена.
На петтиот ден од дебатата, пратениците од опозицијата не се двоумеа да истакнат дека одлуката на македонскиот претседател Иванов е политички мотивирана во корист на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Пратеникот од СДСМ, Ален Георгиев, од говорницата изјави дека Иванов не постапил во својство на државник кои ги претставува интересите на сите граѓани на земјата претворејќи се во марионета на владата, и го обвини Иванов дека во неговата агенда недостасуваат средби со релевантните власти од целиот свет. Георгиев ги нарече „смешни” тврдењата на владата дека Иванов одиграл клучна улога во решавањето на кризата на бегалците.
„Господа од ВМРО-ДПМНЕ, кризата на бегалците во светски рамки ја реши договорот меѓу ЕУ и Турција, со кој на Турција ќе и се овозможи приближување до ЕУ, визна либерализација и милијарди евра помош од ЕУ за да ја сопре поморската рута од Турција во Грција. На микро-ниво мигрантската криза на свои плеќи ја преземаа нашите војници и полицајци”, рече Георгиев од СДСМ.
Димитар Стевананџија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека во својот говор во текот на дебатата користи клевета и навреда при обраќањето на претседателот.
„Сепак е човек кој го избрале 560 илјади граѓани, млади и стари, муслимани и христијани. Вие ја манипулирате јавноста со фотографии од протестите во кои се собрале 500 луѓе, сега замислете колкаво пано ќе треба за да се претстават 560 илјади луѓе”, рече тој.
Пратеничката на ДУИ, Нуредини Вјолца, изјави дека одлуката на претседателот од 12-ти април за изземање на политичарите од гонење било кулминација и на онака затегнатите политички односи.Според Нуредини таа одлука е директно мешање на политиката во судството.
„Оваа одлука претставува блокада на работата на специјалниот обвинител, и оваа одлука претставува прекршување и уништување на договорот од Пржино кој е во исто време гаранција за надминување на тензичната ситуација во Македонија”, рече Нуредини која поради овие причини бара оставка на претседателот Иванов.
Потсетуваме дека претседателот Ѓорге Иванов на 12 април во јавноста ја соопшти одлуката за аболиција на 56 високи државни функционери, што резултираше со секојдневни протести на приврзаниците на „Шарената револуција" на улиците на Скопје. Одлуката за аболиција во целост претседателот Иванов ја повлече на на 06.06.2016 година.