Admir Fazlagic
09 Септември 2016•Ажурирај: 12 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - АДМИР ФАЗЛАГИЌ
До еден од најголемите муслимански празници, Курбан Бајрам, останаа само уште неколку дена. По градските пазари, маркети, трговски центри и продавници се забележуваат повеќе купувачи, кои се подготвуваат за престојниот празник, додека трговците се трудат да бидат максимално снабдени со производите што традиционално се трошат за бајрамските денови.
Во разговор за Аnadolu Agency (AA), за бајрамските подготовки, трговијата, производите, како и за празничната атмосфера зборуваа трговците од градските пазари, како и граѓаните кои купувајќи од нив, се подготвуваат за празникот Курбан Бајрам.
Еден од постарите трговци на градскиот пазар „Бит Пазар“, Имер Сали, за АА вели дека за разлика од претходните години, оваа година за Курбан Бајрам има помалку купувачи. Причината за ваквата состојба тој ја гледа во тешката економска состојба на граѓаните, за кои вели дека „се борат да преживеат“.
„Нема многу купувачи, речиси е незабележливо, народот нема пари, платите се ниски. Порано имавме многу работа, не можевме да постигнеме“, вели трговецот со текстил Имер Сали.
Со него се сложува и трговецот Недим Кубур, кој на пазарот бродава различни текстилни прозводи и материјали за марами.
„Минатите бајрами имавме повеќе работа, овој Бајрам е послабо, но сепак, добро е“, вели Кубур, кој додава дека вообичаено за бајрамските денови луѓето купуваат облека за да се подноват, како и за да подарат на најблиските.
Продавачот на јаткасти плподови и различни зачини, Џемаил Куртиши, во овие денови пред празникот Курбан Бајрам очекува да има повеќе работа, бидејќи вели дека традицонално, луѓето повеќе купуваат во овие денови, затоа што тогаш се подготвуваат за празникот, очекуваат гости кои ги служат со различни јадења.

„Очекуваме да биде подобро, но не како порано, се гледа дека народот нема пари. Најмногу се купуваат ореви, супи, слатки, бонбончиња, исто така вегета и зачини за манџи“, вели Куртиши.
Од сите страни на пазарот може да се слушне „Бујрум, повелете, урнон“, зборови што ги извикуваат бројните трговци со цел да ги привлечат купувачите. Секако, нивните тезги и излози се украсени и исполнети со различни производи за кои трговците веруваат дека ќе им бидат потребни на граѓаните што се подготвуваат за Курбан Бајрам.
Еден од многубројните купувачи на пазарот е Месут Емин од Скопје. Во разговор за АА вели дека излегол да пазарува за празникот Курбан Бајрам. Според она што го видел на пазарот, вели дека се нудат различни производи потребни за бајрамските подготовки, како и дека цените не се покачени поради тоа што трговците очекуваат зголемена потрошувачка.
„Овие денови пред Бајрам, луѓето се подготвувваат за празникот. Како што видов, цените се нормални. Сѐ е во ред. Се купуваат артикли за подготовка за Бајрам. Најмногу купуваме слатки за децата што ќе дојдат, јаткасти плодови, артикли за правње баклава“, истакнува Емин.
Освен на пазарот, бајрамските подготовски се вршат и во Старата скопска чаршија. Од дуќаните коишто нудат различни модели на облека и обувки, до многубројните слаткарници и пекари, трговците се подготвени да ги задоволат потребите на купувачите кои се трудат да се снабдат со сето она што е потребно и овој голем муслимански празник, Курбан Бајрам, да го дочекаат на начин како што тоа доликува.