ЕРЗУРУМ (АА) - Поранешна припадничка на терористичката организација ПКК, која пребегна од терористичкиот камп и се предаде на турските безбедносни сили, тврди дека во редовите на оваа терористичка организација стапила со посредство на Народната демократска партија (ХДП), јавува Anadolu Agency (AA).
Терористката идентификувана како Б. Е., во интервју за АА сведочеше за директните врски меѓу терористичката организација ПКК и политичката партија ХДП.
На терористите на ПКК таа се предала кога имала 15 години, а по две години побегнала од кампот и се предала на турските безбедносни сили. Тврди дека тоа го сторила откако ја доживеала темната страна на тероризмот.
Во разговор со новинарот на АА, Б. Е. изјави дека како тинејџерка се јавила во партијата ХДП и кажала дека сака да се приклучи на ПКК.
„Ми рекоа да оставам телефонски број и да одам дома. Подоцна ме повикаа и ме однесоа во планина“, изјави Б. Е..
Таа тврди дека за време на нејзиниот престој во терористичките кампови на планините, на состаноци со водачите на ПКК доаѓале официјални претставници, заменици и лидери на партијата ХДП.
Турската Влада ја обвинува партијата ХДП за поддршка и поврзаност со терористичката организација ПКК, а повеќемина од парламентарните пратеници на ХДП се обвинети поради присуството на погребите на терористите на ПКК.
Копретседателот на ХДП, Селахатин Демирташ и уште 12 парламентарци на ХДП се уапсени во ноември 2016 година и против нив се водат судски постапки. Претходно им е одземен парламентарниот имунитет бидејќи се товарат за поддршка и поврзаност со тероризмот.
Во продолжението на разговорот со новинарот на АА, Б. Е. изјави дека животот во терористичките кампови на планините е многу тежок и дека терористите имаат недостиг од храна, сместување и други животни потреби.
Таа изјави дека многу млади луѓе се придружуваат на терористичката организација ПКК за да побегнат од притисокот во сопствените семејства и да избегнат принудни бракови.
„Ги повикувам сите луѓе да се држат подалеку од терористичката организација ПКК. Тоа е вистинско мочуриште од кое не можете да излезете. Прекрасно е она што терористите го ветуваат на младите, но е одвратно она што всушност го нудат“, изјави Б. Е..
Истакнувајќи дека ПКК нуди само смрт, а бидејќи се особено злоставувани и изложени на страдање жените кои побегнале од семејствата, Б. Е. изјави дека се покајала уште од првиот ден кога стапила во редовите на оваа терористичка организација.
Таа, исто така изјави дека т.н. официјални претставнци и службеници во ПКК уживаат голем комфор и имаат најскапа облека, обувки, храна...
„За разлика од нив, новите регрути живеат како нивни робови. Претпоставените постојано вршат притисок и ги малтретираат подредените“, изјави Б. Е..
Нагласувајќи дека и лично сведочела на голем број убиства во ПКК, Б. Е. изјави дека видела погубени три или четири лица кои се фатени при обид за бегство од камповите.
„Телата на убиените не ги ни закопуваа, само ги фрлаа некаде. Сведочев и на чести претепувања и на различни видови насилство. Тоа беше и причина поради која и побегнав“, изјави Б. Е..
Таа изјави и дека водачите на ПКК постојано им се закануваат на терористите дека турските безбедносни сили ќе ги малтретираат и убијат, доколку побегнат од редовите на терористичката организација.
„Меѓутоа, лично сведочев како ПКК ги убива оние кои се обидуваат да побегнат. Некои ги затвораа во самици и ги оставаа да починат од глад и жед. Завладува страв кога ќе ги видите тие сцени и едноставно е тешко да се обидете на бегство“, изјави Б. Е..
Меѓу бруталните практики кои ПКК ги спроведува врз своите членови е и забраната на посета од страна на семејството, која се однесува и на деца на возраст од 13 години.
Б. Е., исто така тврди дека водачите на ПКК имаат контакт и со странците.
„Доаѓаа луѓе од Германија. Терористите на ПКК пред нив се преправаа како љубезни и фини“, изјави Б. Е..
На прашањето на новинарите какви биле нејзините искуства по бегството и предавањето, Б. Е. изјави дека не искусила никакви лоши работи и дека имала добар третман од страна на турските безбедносни сили.
„Турските сили ја работат својата работа најдобро што можат, за да им помогнат и да ги спасат оние кои се на планините“, изјави Б. Е..
Повикувајќи ги семејствата да ги заштитат своите деца и да спречат нивно придружување на ПКК, Б. Е. изјави дека на тие деца им е потребно образование, а не принудно склопување на бракови.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, вклучувајќи и жени и деца. ЈПГ е нејзин сириски огранок.