Betül Yürük
08 Март 2018•Ажурирај: 08 Март 2018
ЊУЈОРК (АА) - Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) повика на итно спроведување на одлуката со која беше побарано 30-дневно хуманитарно примирје во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Карел ван Остером, холандскиот амбасадор во ОН, земјата која моментално претседава со Советот за безбедност на ОН, рече дека на седницата се разговарало за неспроведувањето на прекинот на огнот во Сирија.
Тој истакна дека Советот за безбедност на ОН изразува сериозна загриженост за моменталната хуманитарната криза во земјата, додавајќи дека Советот за безбедност повикува на итно спроведување на 30-дневен хуманитарен прекин на огнот во Сирија.
Франсоа Делатре, амбасадор на Франција во ОН, пред состанокот, за новинарите изјави дека силите на Башар ал Асад продолжуваат со нападите врз сопствениот народ во Источна Гута, со што отворено се крши резолуцијата за прекин на огнот, усвоена од Советот за безбедност на ОН.
Тој истакна дека не е прифатливо силите на Асад да не дозволуваат хуманитарни конвои на ОН да влезат во подрачјето на Источна Гута.
Олоф Скоог, шведскиот амбасадор во ОН, изрази разочарување дека примирјето сè уште не стапило на сила, потсетувајќи дека режимот на Асад и понатаму спроведува воздушни напади врз Источна Гута.
Тој додаде дека виделе „минимум волја' за спроведување на примирјето во Сирија.
Повика на итно спроведување на одлуката за прекин на огнот, како и медицинска евакуација и испорака на медицинска опрема во Источна Гута.
Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), на 24 февруари усвои резолуција за 30-дневен хуманитарен прекин на огнот во Сирија.
Предлог-резолуцијата за примирјето ја предложија Шведска и Кувајт, а резолуцијата во Советот за безбедност беше едногласно усвоена. Со оваа резолуција беше договорено 30-дневно примирје во рамките на која беше договорена испорака на хуманитарна помош и медицинска евакуација.
Потсетуваме, Источна Гута е под контрола на сириската опозиција, а регионот е под целосна опсада од страна на режимските сили речиси шест години. Околу 400.000 цивили во Источна Гута се соочени со секојдневни напади и се борат за преживување.