Ali H. M.Abo Rezeg
03 Ноември 2018•Ажурирај: 04 Ноември 2018
РИЈАД (АА) - Саудиска Арабија негира каква било поврзаност со смртта на саудиските сестри што студираа во САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Телата на Талал Фареа (16) и нејзината сестра Ротана (22), завиткани заедно во самолеплива лента, минатата недела беа пронајдени на брегот на реката Хадсон. Американските медиуми објавија дека сестрите поднеле барање за политички азил во САД.
Според извештаите на медиумите, роднините на починатите сестри, на полицијата ѝ соопштиле дека официјален претставник на саудиската Амбасада ги повикал по телефон на 23 август и им наредил да се вратат во Саудиска Арабија.
Меѓутоа, Фатима Баешен, портпаролката на Амбасадата, остро ги отфрлила таквите тврдења.
„Извештаите според кои сме им наредиле на поврзаните со саудиските сестри да ги напуштат САД поради барање азил се апсолутно лажни. Деталите се и понатаму под истрага и ќе бидат јавно објавени во догледно време“, порача Баешен преку својот профил на социјалната мрежа Твитер.
Минатата недела, саудискиот Конзулат во Њујорк соопшти дека назначил адвокат кој ќе го следи правниот процес на случајот.
Саудиска Арабија се соочува со критики од целиот свет поради убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул. Колумнистот на „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна на 2 октомври, откако влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул да земе документи кои му биле потребни за да се венча.
Според тврдењата на Истанбулското републичко обвинителство, Кашоги е задавен веднаш по влегувањето во Амбасадата, а потоа исечен на парчиња.