Burcu Arik
01 Јануари 2017•Ажурирај: 02 Јануари 2017
ИСТАНБУЛ (AA) - По терористичкиот напад во новогодишната ноќ во истанбулскиот ноќен клуб, каде што напаѓачот отвори оган и застрела 39, а рани 65 лица, пораки на поддршка до Турција упатија генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Федерика Могерини, како и министерот за надворешни работи на Франција Жан-Марк Еро, јавува Anadolu Agency (AA).
"Моите мисли се со турскиот народ и со оние кои се погодени со овој напад прославувајќи ја Новата година", рече Столтенберг.
"Нашите мисли се со жртвите и нивните сакани", наведе на Твитер Федерика Могерини.
"Нашите срца се со Турција, каде што е зададен тежок удар во оваа симболична ноќ", напиша Еро.
Претседателот на САД, Барак Обама, и министерот за надворешни работи на Канада, Стефан Дион, исто така го осудија нападот и искажаа поддршка до турскиот народ.
Терористичкиот напад на ноќниот клуб во Истанбул, се случи во 01.15 часот по локално време. Непознат напаѓач од оружје со долга цевка отвори оган и најпрвин уби полицаец кој стоеше на влезот во клубот после што уби уште едно лице и влезе внатре каде што отвори оган кон присутните.
Гувернерот на Истанбул Васип Шахин рече дека ова е терористички напад. Сите повредени се хоспитализирани, а на местото на настанот беше испратен голем број на полициски екипи.
Според некои податоци, во клубот во моментот на нападот имало 700 присутни.
Сведок на нападот тврди дека напаѓачите влегле во клубот и започнале да пукаат врз луѓето кои во паника бегале.