Ekipa
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
АНКАРА (АА) – Постојат сомненија дека голем број ујгурски научници и академци во Ујгурскиот автономен регион Синџианг во Кина се задржани во концентрациони логори, пишува Anadolu Agency (AA).
Се претпоставува дека над еден милион ујгурски Туркијци се држени во концентрациони логори или затвори во Кина затворени со произволни апсења под сомнение за верски екстремизам од 2016 година.
Според информациите до кои дојде АА од Европскиот парламент, „Amnesty International“ и „Humans Rights Watch (HRW)“, меѓу бројните Ујгури чија судбина не се знае, за кои постои сомнение дека се затворени, има академци, уметници, професионални спортисти и научници.
Верскиот лидер на ујгурската заедница Мухамед Салих Хаџим, како и академците Абдулнехед Мехсум и Ајхан Мемет, починаа држени во логори. Преку одлука во октомври 2018 година, Европскиот парламент изрази голема вознемиреност од наведените смртни случаи.
Покрај сите повици на меѓународната заедница, академците како Ели Мамут, Хаилаите Нијази, Меметјан Абдула, Абдухелил Зунун и Абдукерим Абдувел, чии имиња се наоѓаат и во извештајот на Европскиот парламент, сè уште се задржуваат на арбитрарен начин од страна на кинеската влада.
Меѓу исчезнатите кои предизвикаа меѓународна реакција, беше и професорката Рахиле Давут, претседателка на Ујгурскиот институт за културни истражувања.
„Amnesty International“ во еден извештај насловен „Кина: Каде се овие луѓе?“ ја цитира ќерката на Рахиле Давут, Акеда, која вели дека од декември 2017 година не знаат ништо за нејзината мајка, и дека се сомнева дека може да се наоѓа во еден од концентрационите логори.
Меѓу истакнатите личности за кои ујгурската дијаспора и ујгруските здруженија веруваат дека се држени во логори, се наоѓаат и универзитетските професори и научниците Ташмемет, Абдулкадир Џелалетин, Екбер Омар, Ташполат Тејип, Абдурахман Беј, Гајретџан Осман, како и основачот на технолошката компанија „Uygursoft“, Алим Ахат.
- Меѓународни реакции против Кина -
Држењето на Ујгурите во кинеските логори е актуелизирано од страна на меѓународните организации за човекови права.
Во август минатата година некои организации за човекови права кои учествуваа на состанокот во Женева во врска со дискриминираните заедници во Кина, организиран од страна на Комисијата на ОН за елиминирање на расната дискриминација, истакнаа дека локалните власти во Ујгурскиот автономен регион Синџијанг ги лишуваат од слобода индивидуите кои ги сметаат како лица со проблематични политички ставови.
Од друга страна, во извештајот на „Хјуман рајтс воч“ (HRW) се наведува дека кинеската Влада во последните две години без судска одлука ги испраќа Ујгурите кои ги смета за ризични, во центрите за притвор наречени „политичко-образовни центри“.
Пред два дена, Министерството за надворешни работи на Турција упати апел до кинеските власти да ги почитуваат елементарните права на Ујгурите и да ги затворат концентрационите логори, сметајќи ги за нехумани политиките за систематско асимилирање врз муслиманското население.
Нацрт-законот, кој сè уште не е усвоен и за кој продолжува да се дискутира во Конгресот на САД, предвидува санкции врз Кина поради тешките прекршувања направени кон туркијско-ујгурската заедница.