Ali Cura
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
МОСКВА (АА) - Руската Армија се подготвува за реализирање воена вежба што ќе биде со најголем број учесници од времето на Советскиот Сојуз, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, во градот Абакан, во Сибир, информираше за вежбата „Восток-2018“, истакнувајќи дека оваа воена вежба ќе биде вежба со најголемо учество од воената вежба наречена „Запад-81“, реализирана 1981 година во времето на Советскиот Сојуз.
Шојгу нагласи дека вежбата ќе се одржи во воените зони во источниот и централниот дел на земјата.
Во одредена фаза од вежбата, меѓу 11 и 15 септември, што ќе се одржи во источниот дел на Русија и во Сибир, ќе учествуваат и воени елементи на Кина и Монголија.
Русија минатата година заедно со Белорусија ја реализираше воената вежба наречена „Запад-2017“ која се одржа во близина на границата со европскиот континент, и во која официјално учествуваа 12.700 војници.
НАТО реагираше против оваа вежба, и тврдеше дека бројот на војниците учесници во вежбата е многу поголем од соопштеното.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го критикуваше тоа што Русија не била доволно транспарентна за време на вежбата, и рече дека НАТО не сака нова студена војна.
Исто така, против оваа обука реагираа и Полска, Литванија и Украина.
- Воената вежба „Запад-81“ -
Вежбата наречена „Запад-81“ беше реализирана во периодот на Советскиот Сојуз со учество на над 100.000 војници.
Оваа вежба што се одржа меѓу 4-12 септември 1981 година, се смета за најголемата оперативна и стратешка воена вежба во историјата на Советскиот Сојуз.
Во оваа вежба за прв пат во советската Војска биле тестирани автоматските контролни системи и водени проектили.