Ali Cura
26 Март 2018•Ажурирај: 27 Март 2018
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека остро ја осудува одлуката на земјите членки на НАТО и ЕУ за депортација на руските дипломати, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека Русија ќе одговори на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД), Канада, Украина и 14 земји од ЕУ да ги протераат руските дипломати, а нивните влади ги обвини за слепо следење на британските сојузници.
Тој нагласи дека протерувањето на руските дипломати е непријателски чин и крајно провокативен гест.
„Провокативниот гест на солидарност со Лондон од страна на овие држави кои ги слушаат британските власти во врска со таканаречената афера Скрипал, не обидувајќи се да ги сфатат околностите на тој настан, се продолжување на конфронтацискиот пат кон заострување на односите“, се наведува во соопштението.
„Британските сојузници слепо ги следат принципите за евроатлантско единство на штета на здравиот разум, нормите на цивилизацискиот меѓународен дијалог и принципите на меѓународното право. Не треба ниту да се спомене дека непријателскиот чин на овие држави нема да поминат без одговор и ние на тоа ќе реагираме", се заклучува во соопштението.
Соединетите Американски Држави (САД) и 14 земји-членки на ЕУ донесоа одлука за протерување на руски дипломати, по труењето на рускиот шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Велика Британија.
Досега, од цела Европа протерани се најмалку 43 руски дипломати. Меѓу земјите што најавија протерување на руските дипломати се Полска, Германија и Литванија.