ВАРНА (АА) - Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, денес соопшти дека одредени земји-членки на Европската Унија (ЕУ) донеле одлука за протерување на руските дипломати, јавува Anadolu Agency (AA).
„14 земји-членки на Европската Унија (ЕУ) донесоа одлука за протерување на руските дипломати“, соопшти Туск.

Туск, кој престојува во бугарскиот град Варна, поради Самитот ЕУ-Турција, даде изјава околу преземените мерки во врска со случајот со труењето на поранешниот руски агент, Сергеј Скрипал, и неговата ќерка Јулија, во британскиот град Салсбери.
Истакнувајќи дека 14 земји-членки на ЕУ донеле одлука за протерување на руските дипломати и острата осуда кон Русија на Самитот на лидерите на ЕУ, Туск нагласи дека во наредните денови можно е и останатите земји-членки на ЕУ да донесат одлуки за протерување, и дека можно е да се преземат дополнителни мерки.
Туск рече дека продолжуваат со критичкиот пристап кон владините активности на Руската Федерација.
- Германија протера 4 руски дипломати -
Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, преку официјалниот Твитер профил на министерството, соопшти дека Германија денес протерала четворица руски дипломати поради тоа што Русија сè уште не дала придонес во разјаснувањето на случајот на труење на шпионот во Салсбери.
Мас напиша дека на овој начин испраќаат порака на солидаризирање со Велика Британија, и дека оваа одлука не била донесена толку лесно.
- САД протераа 60 руски дипломати -
Како резултат на нападот со нервен агенс врз агент во Велика Британија, и Соединетите Американски Држави (САД) денес протераа 60 руски дипломати, за кои Вашингтон вели дека работеле како разузнавачи и нареди затворање на конзулатот на Москва во Сиетл.
Висок претставник на администрацијата, под услов на анонимност, за новинарите потврди дека од протераните руски дипломати, 48 биле вработени во амбасадата, додека 12 работеле во руската мисија на ОН. Тие имаат седум дена да ги напуштат САД.
Конзулатот во Сиетл е затворен бидејќи се наоѓа во близина на базата на американската морнарица. „Со ваквата постапка, денес САД станаа побезбедни со тоа што ја намалија можноста за Русија да изврши шпионажа врз Американците, како и да спроведе тајни операции кои би ја загрозиле националната безбедност на САД“, истакна неименуван американски претставник.
- Канада донесе одлука за протерување на 7 руски дипломати -
Министерката за надворешни работи на Канада, Кристиа Фриланд, соопшти дека четворица дипломати вработени во Амбасадата на Русија во Отава, и во генералниот конзулат на Русија во Монтреал, се протерани од земјата, додека уште тројца назначени дипломати, нема да бидат примени во државата.
Министерката Фриланд, преку соопштение, истакна дека одлука за протерување на руските дипломати го донеле солидаризирајќи се со Велика Британија.
Министерката Фриланд нападот во Салсбери го опиша како низок и непромислен акт кој го става во опасност животот на стотици лица.
„Канада денес презеде акција против седум лица од рускиот персонал. Протеруваме четиврица дипломатски претставници вработени во амбасадата на Руската Федерација во земјата, и генералниот конзулат на Русија во градот Монтреал. Овие четири лица го користеле својот дипломатски статус како разузнавачки работници со цел да се ослабне безбедноста на Канада или интервенирање врз нашата демократија. Одбиени се и барањата на руската влада за дополнителни три дипломатски претставници во Канада“, додаде таа.
Фриланд нагласи дека одлуките се донесени солидаризирајќи се со Велика Вританија. „Овие мерки не се против рускиот народ со кој жителите на Канада имаат долгогодишни и плодни врски. Канада е подготвена за дијалог со Русија околу прашањата со кои се соочуваме“, рече Фриланд.
Таа истакна дека хемиските напади претставуваат отворена закана за правилата поставени од страна на меѓународната заедница.
„Овој последен акт на Русија е еден поширок дел на неприфатливо однесување на Русија, вклучувајќи ги соработката со Асадовиот режим, анексијата на Крим, судирите во Украина под водство на Русија, како и поддржување на цивилните судири во Грузија, Молдавија, и другите соседни земји. Канада силно ги поддржува мерките кои до денес ги донесе Обединетото Кралство, и продолжува да делува на решителен начин заедно со своите сојузници“, додаде таа.
- Украина протера 13 руски дипломати -
Кон земјите кои донесоа одлука за протерување на руските дипломати се приклучи и Украина. Украинскиот претседател, Петро Порошенко, преку социјалните мрежи, соопшти дека како реакција за случајот со труење, солидаризирајќи се со британските партнери и трансатлантските сојузници, донесена е одлука за протерување на 13 руски дипломати од Украина, чија бројка веќе е намалена.
„Нашите дипломатски односи со Руската Федерација се дефакто замрзнати“, додаде тој.
- Албанија прогласи двајца руски дипломати за непожелни лица -
Албанија прогласи двајца руски дипломати за непожелни лица. Оваа одлука е официјално потврдена преку соопштение на Министерството за Европа и надворашни работи на Албанија.
„Во Министерството за Европа и надворешни работи беше повикан амбасадорот на Руската Федерација во Албанија, Александер Карпушин, на кого му беше упатена вербална нота за прогласување на двајцата руски дипломати за непожелни, чии дела не соодветствуваат со нивниот дипломатски статус“, се наведува во соопшението на министерството.
Минатата недела Лондон го напуштија повеќе од 20 руски дипломати откако британската премиерка, Тереза Меј, нареди нивно протерување поради труењето на поранешниот руски агент Скрипал и неговата ќерка.
Таткото и ќерката се хоспитализирани откако беа пронајдени без свест, на клупа, пред трговски центар во град во јужниот дел на Англија.
Русија негираше каква било вмешаност во инцидентот, и одговори со одлука за протерување на 23 британски дипломати. Москва, исто така, ја обвини Велика Британија дека не сака да сподели примерок од супстанцата за понатамошно тестирање.
Сергеј Скрипал во 2006 година беше осуден поради шпионажа за британската разузнавачка агенција МИ6. Тој беше осуден на 13 години затвор во Москва и беше ослободен во 2013 година во американско-руската размена на шпиони.