Ekipa
29 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - По повод 94. годишнина на Република Турција, денеска турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, положи цвеќе во Аниткабир, мавзолејот на основачот на Турција, Мустафа Кемал Ататурк во Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Во придружба на претседателот Ердоган беа и претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (TBMM) Исмаил Кахраман, премиерот, Бинали Јилдирим, началникот на Генералштабот на Турција Хулуси Акар, претседателот на Републиканската народна партија (CHP) Кемал Киличдароглу, претседателот на Партијата за национално движење (MHP) Девлет Бахчели, претставници на судските институции на Турција, членови на Владата, претставници на политичките партии, команданти на вооружените сили и други високи претставници.
По пристигнувањето во мавзолејот, Ердоган положи венец со интонирањето на националната химна на Република Турција, по што на Кемал Ататурк му е оддадена почит со едноминутно молчење. За време на церемонијата, пред мавзолејот беа присутни и голем број на граѓани.
Ердоган се потпиша и во Книгата на впечатоци во Аниткабир. Турскиот претседател притоа напиша дека Турција и денес исправено стои како и пред 94 години, а потоа се осврна и на неуспешниот обид за државен удар кои го изведоа припадниците на терористичката организација ФЕТО, на 15 јули 2016 година.
Манифестацијата за одбележувањето на 29 октомври, Денот на Републиката, ќе продолжи со различни свечености во Турција, како и во Турската Република Северен Кипар. Годишнината од основањето на Републиката ќе биде одбележана со свечен прием во амбасадите на земјата ширум светот.
Планирано е централниот прием да се одржи во Претседателската палата во Анкара, а на програмата ќе присуствува и турскиот премиер.
Секоја година, Турција го одбележува 29 октомври, Денот на Републиката, во знак на сеќавање на1923 година, кога е прогласена Републиката.
Републиката ја прогласи Мустафа Кемал Ататурк, откако Турција и официјално се нарекува Република Турција. Големото народно Собрание на земјата потоа со гласање го избра Ататурк за прв претседател на Република Турција.