Ekipa
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на истрагата за неуспешниот јулски обид за воен удар во Турција, изведен од страна на терористичката организација ФЕТО, расветлени се деталите за нападот на пучистите на ТУРКСАТ, седиштето за сателитско и кабелско емитирање, јавува Anadolu Agency (AA).
Обвинителството во Анкара подигна обвинение против учесниците во обидот за воен удар во Турција кои учествуваа во нападот на ТУРКСАТ. Станува збор за 13 пучисти кои со два украдени хеликоптера од претседателската гарда, дојдоа во ТУРКСАТ на 16. јули минатата година, во 00.47 часот. Водач на таа група беше командантот на специјалните сили, потполковник Ерај Учкун.
Учкун по неговото апсење призна дека добил наредба да ја изврши задачата за гасење на ТУРКСАТ.
При приближувањето кон комплексот на ТУРКСАТ, пучистите отворија оган кон влезот, а притоа беа убиени двајца вработени кои се обиделе да се спротивстават.
Вооружените пучисти потоа ја зазедоа зградата и се обидоа да ги принудат вработените да ги исклучат сите сигнали на емитување на телевизиските и други фреквенции.
Кон ТУРКСАТ се движела и група техничари од редот на пучистите, кои требало да го исклучат сигналот, но тие попатно се спречени и ТУРКСАТ продолжи да работи.
Пучистите ги зедоа возилата и се оддалечија од комплексот на ТУРКСАТ, а потоа, малку по 3.00 часот, со авиони Ф-16 изведоа четири воздушни напади од воената база Акинџи, со цел да го онеспособат функционирањето на комплексот.
Надзорните камери го снимија бомбардирањето, како и претходните случувања во ТУРКСАТ. Цел на нападите беа сателитските антени и клучните објекти за функционирање на ТУРКСАТ.
Пилотот Хусеин Турк, кој го изведе воздушниот напад, во исказот го призна делото и рече дека наредбата ја добил од командантот Ахмет Озчетин, кој е во притвор, и од Ахмет Тосун, и дека за сè бил известуван и потполковникот и командант на флотата Хакан Каракуш, кој воедно е зет на поранешниот командант на воздухопловните сили, Акин Озтурк.