ВАШИНГТОН (АА) – Американецот Стивен Падок (64) во неделата вечер, од 32. кат на хотелот „Менделеј Беј“ отвори оган врз посетителите на музички концерт и уби најмалку 59 лица, додека повеќе од 500 се ранети, настан кој ја шокираше американската и светската јавност, пишува Anadolu Agency (AA).
И претходно во американските градови се случувале слични напади, но пукотницата во Лас Вегас со сигурност е најкрвавиот настан во модерната историја на САД.

Даваме приказ на некои од мноштвото оружени напади изведени на територијата на САД:
- 12. јуни 2016 – Напад во ноќниот клуб во Орландо -
Во нападот извршен во ноќниот клуб „Pulse“ (Пулс) во Орландо, во сојузната држава Флорида загинаа 49 лица, а повеќе од 50 беа ранети. Напаѓачот е Омар Метин (29), по потекло од Авганистан. Одговорноста за нападот ја презеде терористичката организација ДЕАШ. Подоцна беше соопштено дека Метин го извршил нападот поради недоразбирање со пријателите во клубот.
- 2. декември 2015 – Напад во Сан Бернардино -
Двајца напаѓачи во „Inland Regional Center“, Сан Бернардино, во сојузната држава Калифорнија отворија оган, при што загинаа 14 лица, а повеќе од 10 беа ранети. Напаѓачите беа Сајед Фарук (28) и неговата сопруга Ташфин Малик (29). Одговорноста за нападот ја презеде ДЕАШ, но американската Влада дополнително соопшти дека „напаѓачите сами се радикализирале“. Нападот е оквалификуван како терористички акт.
- 16. септември 2013 – Напад врз поморска база -
Американецот Аарон Алексис пукаше во воената база во Вашингтон. Загинаа 12 лица. Афроамериканецот Аарон беше убиен од страна на полицијата. Нападот започна во 8:30 часот и заврши со убиствотo на напаѓачот 50 минути подоцна.
- 14. декември 2012 – Напад во основното училиште „Sandy Hook“ (Сенди хук) -
Во оружениот напад во основното училиште „Сенди хук“ во градот Њутон, оддалечен 100 километри од Њујорк, животот го загубија 26 лица, од кои 20 деца. Напаѓач беше американскиот државјанин Адам Ланза (20), кој ја убил мајка си пред да го изведе нападот во училиштето.
- 20. јули 2012 – Напад на премиерата на филмот „Бетмен“ -
Лицето што се обиде да го копира ликот на „Џокер“ на премиерата на филмот „Бетмен: Темниот витез се враќа“, во градот Аурора во Колорадо, усмрти 12 лица. Американецот Џејмс Хоумс (24) најпрво во киносалата фрли димна бомба, а потоа отвори оган. Напаѓачот, кој имал психички проблеми, беше фатен при обидот да замине до возилото на паркингот.
- 3. април 2009 – Напад во Бингамтон -
Џиверли Вонг (41), по потекло од Азија, во градот Бингамтон во сојузната држава Њујорк пукаше во центарот за мигранти и уби 13 лица, а четворица беа ранети. Дополнително беше утврдено дека напаѓачот во тие простории ја следел наставата по англиски јазик, а цел на нападот биле неговиот предавач и соучениците. По нападот, Вонг се самоуби.
- 16. април 2007 – Напад на Техничкиот универзитет во Вирџинија -
Во нападот извршен во кампусот на Техничкиот универзитет во Вирџинија, животот го загубија 32 лица. Напаѓач беше студентот Сеунг-Хуи Чо (23), кој живеел во студентскиот дом. По нападот кој траеше речиси 5 часа, студентот Чо изврши самоубиство.
- 20. април 1999 – Масакр во гимназијата Колумбија -
Во нападот изведен во гимназијата Колумбија во местото Литлтон, во сојузната држава Колорадо, животот го загубија 13 лица, меѓу кои и еден наставник. Нападот го изведоа Ерик Харис (18) и Дилан Клиболд (17), а цел на нападот беа нивните соученици. По нападот, двајцата напаѓачи извршија самоубиство во библиотеката на училиштето.
- 16. октомври 1992 – Напад во кафулето Либис -
Во нападот извршен во кафулето Либис во градот Килин, Тексас, убиени се 23 лица. Американецот Џорџ Хенард (35) со камионет влета во кафулето, а потоа започна да пука. По нападот, Хенард изврши самоубиство.
- 20. август 1986 – Поштар изврши масакр -
Поштар од Едмонд, Оклахома, пукаше во своите колеги и уби 14 лица. Американецот Патрик Хенри Шерил за 10 минути пукаше во 20 лица, а потоа си пукал во главата.
- 18. јули 1984 – Масакр во Мекдоналдс -
Џејмс Хуберти (41) изврши напад во „Мекдоналдс“ во градот Сан Исидро, Калифорнија, и уби 21 лице. Напаѓачот по речиси 1 час е неутрализиран од снајперист при обидот за бегство.
- 18. февруари 1983 – Масакр во коцкарница -
Тројцата напаѓачи кои влегоа во коцкарницата „Wah Mee“ (Ва Ми) во Сиетл, убија 13 лица. Кван Фаи Мак и Бенџамин Нг се осудени на казна доживотен затвор, а третиот напаѓач, Ваи-Чиу, кој успеа да избега, беше фатен во Канада, неколку години подоцна.
- 25. септември 1982 – Напад извршен од чувар на затвор -
Затворскиот чувар Џорџ Бенкс (40) во Вилкс-Бери, Пенсилванија, прво ги убил своите 5 деца, а потоа на улица пукал врз минувачите, убивајќи уште 8 лица.
- 1. август 1966 – Масакр на Универзитетот во Тексас -
Поранешниот американски војник Чарлс Џозеф Витман во Тексас најпрво ги уби својата мајка и сопруга, а потоа од кулата на Универзитетот во градот Остин, во сојузната држава Тексас, пукаше и уби 16 лица. Во нападот беа повредени 30 лица. Напаѓачот го усмртија двајца полицајци кои се качија на кулата.
- 5. септември 1949 – Напад во Камден -
Хауард Унрух (28), ветеран од Втората светска војна во Камден, Њу Џерси, 12 минути пукал во минувачите на јавно место. Во нападот усмрти 13 лица, од кои 3 деца. Откако полицијата го неутрализира, го запрашала дали е психопат, на што тој одговорил дека не е и дека многу добро се чувствува. Подоцна е утврдено дека напаѓачот бил психички неурамнотежен.