Ekipa
25 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Светските лидери му честитаа на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако Врховната изборна комисија на Турција објави дека тој го освоил апсолутното мнозинство на претседателските избори одржани вчера во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателски извори, првата честитка од земја членка на ЕУ дојде од унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, исто така, му честиташе на Ердоган за неговиот голем успех на претседателските избори, според соопштението на азербејџанското претседателство.
Во телефонскиот разговор, Алијев нагласил дека Турција под раководство на Ердоган зајакнала, додавајќи дека турската економија постигнала големи успеси и дека Анкара ја има зацементирано својата позиција на меѓународно ниво.
Во разговорот лидерите, исто така, изразија верување во напредокот на братските односи меѓу Турција и Азербејџан во сите области.
Иранскиот претседател Хасан Рохани денес му ја честиташе изборната победа на својот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Во соопштението објавено на официјалната страница на претседателот, Рохани напиша: „Ви честитам [Ердоган] со радост и среќа на вашата победа и продолжената доверба на претседателските избори“.
Потсетувајќи на силните историски, културни и религиозни врски меѓу двете земји, рускиот претседател Владимир Путин во својата честитка до Ердоган изрази надеж дека пријателските односи со Турција ќе се зајакнат.
Упатувајќи честитики, рускиот претседател ја потврди неговата подготвеност за продолжување на билатералниот дијалог и заедничката регионална и меѓународна соработка.
Според соопштението на Кремљ, Путин истакнал дека исходот од гласањето го потврдува големиот политички авторитет на Ердоган и широката поддршка на правецот под негово водство во решавањето на социјалните и економските прашања со кои се соочува Турција, како и за зајакнување на надворешнополитичката позиција на земјата.
Одделно, украинскиот претседател Петро Порошенко исто така упати честитки до својот турски колега за победата на претседателските избори.
Порошенко преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави: „Честитки до Реџеп Таип Ердоган за неговото повторно избирање за претседател на Турција. Довербата на народот и новите уставни овластувања ќе обезбедат дополнителни патишта за просперитет на турскиот народ, негова безбедност и поголем развој на Турција.“
„Украина е одлучна во градењето на стратегиско партнерство со Турција и во зајакнувањето на соработката во сите сфери“, додаде тој.
Kазахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев исто така му честиташе на Ердоган за изборната победа. Назарбаев преку пишано соопштение истакна: „Исходот од изборите покажа дека турскиот народ во голема мера ги цени вашите напори како претседател на земјата и ги поддржува политичките и економските реформи што ги спроведовте, како и одредените стратешки постигнувања“.
Честитки за изборните резултати на Ердоган упатија и венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, бугарскиот премиер Бојко Борисов и многу други.