Admir Fazlagic
19 Мај 2016•Ажурирај: 19 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Јоханес Хајндл, специјален пратеник на сојузниот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штаjнмаер за Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението на Кабинетот на Иванов, двајцата соговорници разговарале за актуелните случувања на политички план во Република Македонија и биле разменети информации и мислења за можностите и начините за надминување на предизвиците на политичката сцена во земјата.
На средбата, се наведува во соопштението, се размениле мислења и за состојбата поврзана со мигрантската и бегалската криза, како и влијанието на актуелната политичка состојба врз севкупните капацитети на државата во справување со истата.
„Двајцата соговорници се согласија дека Република Македонија е неопходно да има функционални државни институции кои ќе можат професионално, навремено и ефикасно да одговорат во справувањето и превенцијата со заканите. Во таа насока, соговорниците истакнаа дека сите политички чинители треба да покажат одговорност, конструктивност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата", информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.
Во соопштението се додава дека претседателот Иванов на средбата истакнал дека како и досега, така и во иднина ќе постапува единствено според Уставот и Законите на Република Македонија и исклучиво во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
Претходно, од Германската амбасада во Скопје информираа дека Хајндл одново ќе разговара со партиите-потписнички на Пржинскиот договор како и со претставниците на меѓународната заедница, претседателот на државата и претседателот на Собранието на Република Македонија.
Јоханес Хајднл престојуваше во земјава на 12 и 13 мај, при што во рамките на неговата посета разговараше со потписниците на Договорот од Пржино, со цел да се запознае со состојбата во државата.