Senada Ibraimova
21 Ноември 2016•Ажурирано: 22 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје започна дводневната презентација на Кодексот за судска етика на судиите во Република Македонија, во организација на Академија за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Здружението на судиите на Република Македонија, на која учествуваат и судии од државите во регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
Овој настан е последен од настаните во рамките на проектот ИПА 2010, кој е финансиран од ЕУ, а се однесува на промовирање на етичкиот кодекс на судиите. Овој кодекс е донесен во 2014 година, и тој предвидува формирање на советодавно тело коешто на доверлив начин ќе ги советува судиите, во случај кога имаат етички дилеми.
На оваа промоција учествуваат и судии од регионот, кои веќе имаат формирано етички комитети во рамките на судството и според Анета Арнаудовска, директорка на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, добро е да се слушне нивното искуство за тоа како функционира ова тело и дали судиите се задоволни од функционирањето на тој комитет.
На новинарско прашање поврзано со актуелните избори на претседател во Кривичниот суд, односно како таа ги коментира изјавите од страна на судиите во врска со оваа изборна трка, кои кружат во медиумите, Арнаудовска рече: „Сметам дека секој од нас, од носителите на правосудните функции во Македонија, треба да даде отчетност пред јавноста во поглед на тоа што сработил во периодот на својот мандат, а мислам дека сѐ помалку треба медиумскиот простор да се користи во изборна кампања. Значи, ние треба да го користиме медиумскиот простор за промоција на нашите институции, на она што сме го постигнале, а не за себепромоција“.
Ѓуро Сеса, судија на Врховниот суд на Република Хрватска, изјави дека во Хрватска, секој апелационен суд има етички комитет, кој го избрале самите судии на општи избори, и овој суд има две функции. Едната од нив е да дава оцени дали еден судија го има прекршено етичкиот кодекс, а другата е да ги оценува судиите. Тој рече дека оваа процедура има два чекора, односно дека судиите имаат право на жалба до посебно тело при Врховниот суд, кое одлучува по жалбата. Сеса нагласи дека вакви случаи нема многу, но доколку има, како што рече тој, детално се испитуваат околностите и се донесува одлука, која нема никакви негативни последици за судиите, туку само претставува еден морален чин, односно се упатува порака до оној што го прекршил кодексот.
На новинарско прашње во врска со македонското СЈО, за тоа дали според него треба да постои, тој рече дека специјализирани судови не треба да постојат, туку треба да има специјализирани судии внатре во постоечкиот судски состав, затоа што според него, овие судови не ги решаваат постапките.
„Се создава преголем оптимизам и очекувања дека новиот суд нешто ќе реши и дека веднаш ќе се решат сите проблеми, а тоа вообичаено не е така. И потоа, кадровската база на таквите специјализирани судии се стеснува и на некој начин, можеби на почеток се започнува постапка, но по некоја година се гледа дека тоа всушност е кочница“, истакна Сеса.
Судијката на Врховниот суд на Република Словенија, Нина Бетето, во својата изјава посочи дека етичката комисија во Словенија успешно работи и е малку поразлична од хрватската, со тоа што, како што рече таа, не работи во својство на дисциплинска комисија, туку повеќе за донесување препораки за тоа како да работат судиите, како и начелни ставови. Според неа, најважно е етичките стандарди да ги донесуваат самите судии, а не лица од надвор.