Ivana Ramadanova
18 Јули 2016•Ажурирај: 19 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Преговорите на политичките партии – потписнички на договорот од Пржино, кои денеска се одржуваа во резиденцијата на американскиот амбасадор Џес Бејли на Водно, завршија повторно без договор, јавува Anadolu Agency (AA).
По неколку часовната рунда партиски разговори, Бејли во изјава за новинарите изјави дека очекува решение за кризата да биде постигнато до крајот на оваа недела.
„Она што можам да ви го кажам е дека имаме интересен предлог на маса. Краен рок не е поставен, но она што е важно е дека преговорите продолжуваат и утре. Се надевам дека решение на кризата ќе има до крајот на оваа недела", изјави Бејли.
Партиите деновиве повторуваа дека не отстапуваат од своите позиции. Како можен датум за избори се споменува и 11 декември.
Во официјалните изјави партиите тврдеа дека не отстапуваат од своите црвени линии, при што СДСМ инсистира министерот за внатрешни работи да има целосни ингеренции во кадровската политика и да се вратат старите решенија, а ВМРО- ДПМНЕ тврди дека токму овие измени ќе ја спречат партизацијата на министерството.
На денешната средба не присуствуваше ЕУ амбасадорот Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, туку еден од неговите заменици.