Berk Özkan
31 Октомври 2018•Ажурирај: 01 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Авионот на „Туркиш ерлајнс“, со код на лет „TK 2124“, утринава го реализираше летот од аеродромот „Истанбул“ кон Анкара, што претставува прв редовен лет од новоотворениот аеродром, јавува Anadolu Agency (AA)
Аеродромот „Истанбул“, трет најголем аеродром во турската метропола, свечено е отворен на 29. октомври во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и голем број државни функционери од целиот свет.

Првиот редовен лет од новиот аеродром е извршен веќе утринава, со авионот на компанијата „Туркиш ерлајнс“, со коден број „TK 2124“, кој полета кон аеродромот „Есенбога“ во главниот град Анкара.
Министерот за транспорт и инфраструктура на Република Турција, Мехмет Турхан, утринава разговараше со првите патници на редовниот лет за Анкара и им посака среќен пат. Министерот Турхан потоа од контролната кула го следеше и полетувањето на првиот авион за Анкара.

Третиот истанбулски аеродром кој е наречен „Истанбул“, во првата фаза ќе има капацитет од 90 милиони патници, а на крајот неговиот капацитетот би можел да биде зголемен до 200 милиони патници. По завршувањето на работите, аеродромот ќе содржи шест одвоени писти, ќе има капацитет од 500 авиони и паркинг од отворен и затворен тип со капацитет од 70.000 возила.
Трошоците за изградба на новиот истанбулски аеродром изнесуваат 10 милијарди и 247 милиони евра. Аеродромот е изграден на вкупна површина од 76,5 милиони квадратни метри, а тој во потполност ќе биде завршен во текот на наредните години.
