Michael Hernandez
26 Август 2018•Ажурирај: 27 Август 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Сенаторот Џон Меккејн, кој повеќе од три децении служеше во американскиот Сенат, почина од рак на мозокот вчера, по едногодишна битка со оваа болест, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Меккејн беше покрај својата сопруга Синди и покрај семејството, кога почина во 16:28 часот“, објави неговата канцеларија во кратко соопштение.
„Тој верно им служеше на Соединетите Американски Држави (САД) веќе шеесет години“, се вели во соопштението.
Меккејн минатата година објави дека му е дијагностицирана агресивна форма на рак на мозокот и дека добил сериозна прогноза за развојот на болеста.
За смртта на републиканецот Меккејн со пораки за сочувство се јавија двете страни.
Сенаторот на демократите, Кори Букер, на Твитер истакна дека се сеќава на топлото добредојде од страна на Меккејн при неговото доаѓање во Сенатот во 2013 година.
„Нашиот подоцнежен приватен состанок во неговата канцеларија останува еден од моите најинспиративни моменти како сенатор“, рече Букер. „Смртта може да стави крај на животот, но никогаш нема да може да стави крај на љубовта. Џон ја сакаше Америка: неговото влијание ќе трае вечно. Почивај во мир!“
Американскиот претседател Доналд Трамп ги изрази своите „најдлабоки симпатии“ кон семејството на Меккејн. Тој претходно негираше дека Меккејн, кој беше фатен и измачуван за време на Виетнамската војна, е воен херој.
„Тој не е воен херој“, рече Трамп во 2015 година. „Тој беше воен херој затоа што беше заробен. Ми се допаѓаат луѓето кои не биле заробени.“
Меккејн постојано спореше со претседателот преку внатрепартиски прекори, особено за неговото однесување со Русија. Тој, наводно, побарал Трамп да не биде поканет на неговиот погреб.
Меккејн следната недела ќе наполнеше 82 години.