Selçuk Acar
30 Август 2017•Ажурирај: 30 Август 2017
ЊУЈОРК (АА) - Силвестер Тарнер, градоначалникот на Хјустон, соопшти дека е забрането движењето по улица со цел да се заштитат од грабежи имотите и куќите чии сопственици се евакуирани поради поплавите што го зафатија подрачјето, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Хјустон, Тарнер, донесе историска одлука откако ураганот Харви почна да се оддалечува од Хјустон и да се движи кон Луизијана.
Тој преку социјалните мрежи соопшти дека во вечерните часови, во периодот од 22.00 до 05.00 часот наутро, прогласена е забрана за излегување на улица во рамките на границите на градот, со цел да се спречат грабежите и да се заштитат имотите и домовите чии сопственици се евакуирани поради поплавите што го зафатија подрачјето.
Арт Акеведо, шеф на полицијата на Хјустон, изјави дека градоначалникот прогласил забрана за излегување на улица поради можноста за „мал обем на грабежи“ и други кривични дела.
Канцеларијата на окружниот правобранител од округот Херис соопшти дека во период од 48 часа, приведени се 14 лица кои се обиделе извршат грабеж.
- Бројот на загинатите се искачи на 30 лица -
Локалните официјални лица соопштија дека во невремето што го предизвика ураганот Харви, бројот на загинатите се искачи на 30 лица. Се соопштува дека меѓу загинатите е и Стив Перез, висок офицер на полицијата, кој 34 години работел во хјустонската полициска станица. Перез бил зафатен од водена буица во своето возило.
Крајбрежната стража на САД, националната гарда, полицијата и противпожарнтие екипи досега спасија повеќе од 9.000 лица.
Во меѓувреме, претседателот Трамп се наоѓа во посета на подрачјата во Тексас што беа зафатени од катастрофата.
Поради ураганот Харви, 62 локации од областа Хјустон се прогласени за подрачја на катастрофа.
Со цел да се овозможи итна помош и да се спроведат операциите за спасување, армијата на САД соопшти дека по вклучувањето на 12.000 членови на националната гарда од Тексас, во подрачјето ќе бидат испратени уште 20.000 припадници на националната гарда.
Во моментов, 30 хеликоптери од единиците на националната гарда ги спроведуваат операциите за спасување на загрозените и транспорт на медицинската опрема, а гувернерот на Тексас, Грег Абот побара во подрачјето да бидат испратени уште 24 хеликоптери.