Safvan Allahverdi
24 Јануари 2019•Ажурирај: 24 Јануари 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Мајк Помпео, изјави дека Вашингтон нема да ја повлекува дипломатската мисија од Каракас, бидејќи не ја смета за легитимна власта на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Венецуела, Мадуро, синоќа соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со Соединетите Американски Држави (САД) и им даде рок на американските дипломати за 72 часа да ја напуштат оваа латиноамериканска земја.
Венецуела е средиште на масовни протести кои ги предводи опозицијата која има мнозинство во Парламентот на оваа земја. Американскиот претседател Доналд Трамп ја поддржа венецуелската опозиција и нејзиниот лидер Хуан Гуаидо, кој се прогласи за привремен шеф на државата.
Гуаидо, по наредбата на Мадуро за протерување на американските дипломати, порача дека опозицијата ќе овозможи останување на персоналот на американската дипломатска мисија во Венецуела.
„САД го поддржуваат Гуаидо во напорите да формира привремена власт и подготвени сме да го поддржиме во зачувувањето на дипломатската мрежа“, порача Помпео.
Нагласувајќи дека САД нема да ги повлечат дипломатите од Венецуела, Помпео порача дека актуелниот претседател на оваа земја, Мадуро, повеќе нема овластувања да ги прекинува односите со другите земји.