Admir Fazlagic
08 Август 2017•Ажурирај: 08 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во вечерните часови во Скопје забележителна е голема раздвиженост на илјадници посетители кои дојдоа во македонскиот главен град по повод фудбалскиот спектакл, натпреварот од Суперкупот на УЕФА, помеѓу Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид, јавува Anadolu Agency (AA).
Во овие два дена илјадници туристи, љубители на фудбалот престојуваат во Скопје, во пресрет на фудалбалскиот натпревар помеѓу европските ривали, англискиот Манчестер Јунајтед и шпанскиот Реал Мадрид.
Старата скопска чаршија и централното градско подрачје, посебно кејот, се местото каде што се движат илјадници странски туристи, дојдени од различни земји од светот.
Вечерва тие одвоија време за кафулињата, каде што владее спортска атмосфера и каде што утрешниот фудбалски натпревар од Суперкупот е „топ тема“.
Туристите уживаат во бројните македонски специјалитети и ги посетуваат знаменитостите на градот.
Инаку, вечерва, откако стасаа во Скопје, тимовите на Манчестер и Реал, одржаа по еден тренинг и прес-конференција, на која ги истакнаа очекувањата од утрешниот меч.
Главниот град во земјава минува низ атрактивни денови поради фудбалскиот дуел помеѓу победникот од Лигата на шампоните на УЕФА, Реал Мадрид, и победникот од Европската лига на УЕФА, Манчестер Јунајтед, и продолжува да ги пречекува гостите кои доаѓаат од земјите ширум светот.
Во пресрет на натпреварот, кој ќе се одигра утре на Арената Филип Втори во Скопје, поставени се знамиња на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на повеќе места низ градот, а на плоштадот „Македонија“ е организирана фан-зона каде што ќе се одвиваат разни активности.
Во пресрет на Суперкупот во Скопје, посетен од голем број љубители на фудбалот од целиот свет, доминира возбудата.
Навивачите на Реал Мадрид се сигурни во победата на натпреварот, додека навивачите на Манчестер Јунајтед се надеваат на победа. Постојат и гледачи кои „неутрално ќе навиваат“ на овој фудбалски спектакл.