Zehra Ulucak
05 Мај 2018•Ажурирај: 06 Мај 2018
АНКАРА (АА) - Зехра Улучак - Астмата е позната уште од времето на древниот Египет, а потврда дека станува збор за болест на модерното време е податокот за актуелните повеќе од 330 милиони заболени лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Глобалната мрежа на астматичари (ГАН) во Глобалниот извештај за астма од 2014 година наведува дека во светот во моментов има 334 милиони заболени луѓе, а дека бројот на пациенти до 2025 година ќе се зголеми на 400 милиони.
Светската здравствена организација (СЗО) во претходните извештаи наведе дека во 2015 година починаа 383.000 луѓе заболени од астма, што се совпаѓа со проценките на Глобалната иницијатива за астма (ГИНА).
- Секој пациент има своја астма -
За развојот на астмата најголемо влијание имаат честичките кои предизвикуваат алергиски реакции или го иритираат респираторниот систем. Меѓу главните фактори на болеста се загадениот воздух, прашината, влакната од животните, поленот, хемикалиите и влагата.
Застапеноста на астмата на глобално ниво е околу 15 проценти, но таа варира во различни земји поради различни фактори. Така, во неразвиените земји со лоши здравствени системи, астмата е најчестата причина за смртта на луѓето.
Астмата е хронична и долготрајна воспалителна болест на дишните патишта, а воедно е најчеста хронична болест кај децата. Симптомите на астмата можат да бидат различни.
Најчести се кашлицата, нападите на недостаток на воздух, чувството на притисок или стегање во градите, свирењето во градите кое се слуша при прегледот на белите дробови, чувството на замор, аверзијата кон физичките активности, тешкотиите при спиење и честото будење од сон поради ноќна кашлица или потешкотии со дишењето.
Често се вели дека всушност секој пациент има своја астма, со што новиот концепт во препознавање и третман на болестите, вклучувајќи ја и астмата, се нарекува персонална медицина.
Во Извештајот на ГАН се наведува дека во првата деценија на 21 век астмата била најчеста причина за смрт на младите во земјите како што се Филипини, Фиџи и Мауританија, додека Јужноафриканската Република, Мауританија, Фиџи, Филипини и Египет ги заземаат првите места на листата на земји каде што астмата во најголем процент претставува причина за смрт, без оглед на возраста на луѓето.
Астмата и во развиените земји е многу распространета болест, но благодарение на соодветната терапија и здравиот начин на живот, пациентите не умираат често како што е случај во земјите со неразвиено здравство.
Австралија, САД и некои земји од Западна Европа и Јужна Америка ги заземаат водечките позиции на листата на земји со најголема распространетост на астмата, а причината е индустријализацијата и загадувањето на воздухот предизвикано од голем број фактори.
- Симптоми на астмата која е најизразена кај децата -
Она што е загрижувачки е фактот дека астмата станува најчеста хронична болест кај децата. Според последното истражување на групата ИСААЦ, симтомите на астмата на глобално ниво, може да се видат на 15 отсто од детската популација, додека појавата на симптоми кај возрасните е меѓу осум и девет проценти.
Најчести видови на астма се алергиската, астмата предизвикана од физичка активност и професионалната астма, како и ноќната астма. Алергиската астма е најчест тип и опфаќа дури 90 проценти од сите видови астма кај децата, а половина од случаите кај возрасните.
Во Извештајот на ГАН и понатаму се вели дека најизразените симптоми на астма се јавуваат кај деца на возраст меѓу 10 и 14 години и кај пациенти постари од 75 години.
Експертите тврдат дека со астмата може да се живее добро ако болеста е под контрола. Затоа, важно е пациентите да бидат запознаени со својата болест, редовно да ја земаат терапијата, да се држат до препораките на лекарот, редовно да одат на контрола и да ги избегнуваат причинителите кои поттикнуваат напади.
Според податоците на Здружението на европската имунологија (EAAЦИ) од 1990 година, стапката на смртност од астма кај мажите е намалена од 25 на 13, а кај жените од 17 на 9 случаи во однос на 100.000 луѓе.