Kasım İleri
30 Јануари 2018•Ажурирај: 30 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АA) - Гласноговорникот на Пентагон, Роб Менинг, изјави дека американските официјални претставници се во контакт со турските власти во врска со воената операција во Африн. Менинг изјави дека САД немаат информации во врска со наводите за „цивилни жртви“ во Африн, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на прашањето на новинарите во врска со наводите дека операцијата „Маслинова гранка“, која ја спроведува Турција во северозападниот дел на Сирија со цел неутрализирање на терористичките елементи во Африн, со себе донела и цивилни жртви, Менинг кажа дека нема информации во врска со тие наводи.
„Продолжуваме да работиме заедно со нашиот НАТО сојузник Турција, во регионот на Африн. Немам информации во врска со случувањата за кои зборувате“, рече Менинг.
Говорејќи за американските единици во сирискиот Мунбич, тој истакна дека американската и турската страна се во контакт во врска со безбедноста на трупите во тоа подрачје. Тој, комуникацијата помеѓу Турција и САД во врска со тоа, ја окарактеризира како блиска и континуирана, а на прашањето дали американските сили во Мунбич се присутни како одбранбена сила во случај на напад одговори негативно.
Менинг наведе дека на Турција ѝ се познати локациите на американските трупи во Мунбич, додавајќи дека американските сили во тој регион се со цел комуницирање со Воениот совет на Мунбич задолжен за одбрана на градот од ДЕАШ.
Гласноговорникот на Пентагон на прашањето на новинарот на АА за наводите дека припадничката на терористичката организација ПЈД/ПКК, Авеста Хабур, извршила самоубиствен напад во Африн, изјави дека во моментот нема доволно информации во врска со тој случај.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) т.е 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото за самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без борба им ја препуштија контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Африн стана еден од главните центри на таа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментално под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и ЕУ. ПКК уште од средината на 1980-тите години спроведува терористичка кампања против Турција.