Selçuk Acar
30 Ноември 2016•Ажурирај: 01 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Со тематската изложба на палестинска мода и уметност, во седиштето на Обединетите нации (ОН) во Њујорк е одбележан Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ, јавува Anadolu Agency (AA).
Изложбата со наслов „Палестински вез“, поставена во лобито на Генералното собрание на ОН, ја отворија претседателот на Генералното собрание на ОН, Питер Томпсон, и постојаниот претставник на Палестина во ОН, Ријад Мансур.
На изложбата можат да се видат примери на традиционалната палестинска народна носија, која претставува и културен симбол на овој народ.
На свеченоста присуствуваа и голем број гости, а посебно внимание привлекоа и ортодоксните Евреи кои носеа палестински шалови.
Изложбата ќе биде отворена до 28 декември оваа година.
Од друга страна, претседателот на Генералното собрание на ОН, Питер Томпсон, за време на состанокот на тема Палестина, околу вратот носеше палестински шал, што наиде на критики од страна на постојаниот претставник на Израел во ОН, Дени Данон.
Данон ги изнесе тврдењата дека тоа што Томпсон носи палестинскиот шал претставува „јасен доказ дека во ОН постојат предрасуди кон Израел“.
Генералното собрание на ОН во 1979 година ја усвои одлуката според која на 29 ноември се одбележува Меѓународниот ден на солидарност со палестинскиот народ.