Admir Fazlagikj
15 Октомври 2016•Ажурирај: 16 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - За санирање на состојбата во местата зафатени од поплавите кои се случија на 6 август годинава во Скопско одвоени се нови шест милиони евра, од кои, три милиони се од Буџетот на Република Македонија, 2,5 милиони од Буџетот на Град Скопје, а 500 илјади евра издвои општина Гази Баба, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова денеска го соопшти министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при означувањето на почетокот на реконструкцијата на улицата „Алија Авдовиќ“ во населеното место Сингелиќ. Тој нагласи дека вкупно 10 милиони евра ќе бидат инвестирани за подобрување на инфраструктурата во местата зафатени со поплавите.
„Како Влада посветено работевме да ги подобриме сите услови во поплавените подрачја и за тоа направивме неколку крупни чекори. Пред се, обезбедивме дополнителни три милиони евра директно од Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта за подобрување на локалната патна мрежа, а воедно и го сменивме Законот за да може „Македонија пат“ директно да се вклучи во изградбата на сите локални патишта во местата зафатени со поплавите", изјави министерот Мисајловски.
Исто така, тој додаде дека изминативе денови се работи на подобрување на инфраструктурата во сите места зафатени со поплавите и додаде дека новоиздвоените средства се добар импут за да се завршат сите локални патишта што беа оштетени од невремето. „Се работи за голема инвестиција со која се предвидува да се завршат преку 50 километри локална патна инфраструктура во наредниот период. Ако времето не послужи деновиве ќе има поголема динамика и се она што е ветено и што е поминато како одлука на Влада ќе биде реализирано" рече министерот Мисајловски.
Меѓу другото, министерот за транспорт и врски информираше дека моментално три екипи на „Македонија пат“ работат на терен, а вклучени се и службите на Градот Скопје преку ЈП „Улици и патишта“, како и општина Гази Баба. Мисајловски најави и дека веќе е потпишан и договор за обнова на обиколницата за што ќе бидат издвоени околу три милиони евра.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски прецизира дека за реконструкција на улицата „Алија Авдовиќ“ Град Скопје одвои осум милиони денари. Со тие средства, како што кажа, ќе биде реконструирана улицата од крстосницата кај последна „45“ до каналот во населеното место Сингелиќ во должина од 550 метри.
Трајановски истакна дека со средствата предвидени за подобрување на инфраструктурата во поплавените подрачја ќе бидат асфалтирани секаде онаму каде што се тампонирани улиците и ќе биде изградена атмосферска канализација на местата каде што ја нема и каде што има можност да се направи тоа.
ЈП „Улици и патишта“ веќе има асфалтирано речиси еден километар улици во населеното место Сингелиќ и скоро еден километар во населеното место Стајковци, информираше Трајановски.
Тони Трајковски, градоначалникот на општина Гази Баба рече дека за многу брзо време патната инфраструктура во местата зафатени од поплавите е вратена во првобитната состојба, а некаде е дури и подобрена.
„Денеска бевме и во посета на населбата Триангла каде е во завршна фаза изградбата на атмосферската канализација, односно при крај е вториот дел од нејзината изградба. Во првиот дел се изгради еден километар атмосферска канализација, а наскоро ќе бидат завршени уште 1,2 километри. Вкупната вредност на првата и втората фаза е околу 16,5 милиони денари, од кои половина ги обезбеди општина Гази Баба, а другата половина Владата на Република Македонија", изјави Трајковски.
Со тоа, според неговите зборови, ќе биде решен долгогодишниот проблем на оваа населба со атмосферските води и најави дека наскоро ќе почне асфалтирањето на споредните улици во населеното место Сингелиќ во Скопје.