Hüseyin Kulaoğlu,Muhammed Enes Can,Murat Kaya
07 Април 2018•Ажурирај: 08 Април 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Истанбулското обвинителство дојде до нови докази во врска со шестемина турски државјани, припадници на ФЕТО, кои во заедничка акција на Турската разузнавачка служба (МИТ) и Косовската разузнавачка служба, беа депортирани во Турција. Станува збор за лица, кои меѓу останатото, им помагале на припадниците на ФЕТО, од Турција да избегаат во европските земји и САД, јавува Anadolu Agency (AA).
МИТ на 29 март изведе операција против терористичката организација ФЕТО/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ) на Балканот, и во Турција префрли шестмина претходно пребегани припадници на оваа организација.
Станува збор за Џихан Озкан, Кахраман Демирез, Хасан Хусејин Ѓунакан, Мустафа Ердем, Осман Каракаја и Јусуф Карабина.

Досието на истрагата на Одделот на истанбулското Обвинителство за борба против тероризам и организиран криминал е надополнето со докази прибрани од шест обвинителства од други градови во Турција.
Според собраните докази, сите депортирани лица биле вработени во образовните институции на ФЕТО во Косово, а покрај тоа, се наоѓале и на високи позиции, внатре во самата терористичка организација ФЕТО. За осомничениот Мустафа Ердем потврдено е дека едно време бил прв човек на ФЕТО во Косово.
За осомничените Хасан Хусејин Ѓунакан, Јусуф Карабина и Мустафа Ердем утврдено е дека ја користеле апликацијата БајЛок, поточно системот за шифрирана комуникација меѓу припадниците на ФЕТО. Откриено е дека осомничените им испраќале големи количества пари на бројни организации кои се затворени токму поради поддршката на терористичката организација ФЕТО.
Турските безбедносни органи, претходно утврдија дека приведениот Озкан, на водачите на ФЕТО во Пенсилванија им префрлал пари кои терористичката мрежа ги собирала на Балканот. Меѓу фатените припадници на ФЕТО кои им се предадени на турските власти е и Демирез, кој бил задолжен за активностите на организацијата за младината и играл важна улога во врбувањето на младите за придружување во ФЕТО.
Приведениот Ѓунакан бил задолжен за наставниот персонал во образовните институции кои на Балканот дејствувале под закрилата на терористичката мрежа ФЕТО.
Паралелно со тоа, приведениот Осман Каракаја бил и активен соучесник во случајот „Ергенекон“, кога во Одделот за судска медицина во Истанбул подготвувал извештаи во корист на ФЕТО и за тоа добил плакета од Фетула Ѓулен, лидерот на терористичката организација.
Терористичката организација ФЕТО/ПДЈ во ’70-тите години од минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за во ’80-тите години значително да ја зацврсти својата пирамида во тие институции и на крај, на 15 јули 2016 година изведе неуспешен обид за воен удар, со цел уривање на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција. Во тој обид за пуч, животот го загубија најмалку 249 лица, додека повредени се повеќе илјади.
Турските надлежни институции водат опсежна истрага и судски постапки против оваа терористичка организација и нејзините припадници.