Hakan Burak Altunöz
28 Јуни 2018•Ажурирај: 29 Јуни 2018
ТРАБЗОН (АА) - ХАКАН БУРАК АЛТУНОЗ -
Кривините на Деребаши кои се протегаат во планинското подрачје меѓу турските градови Трабзон и Бајбурт, и беа прогласени за „најопасен пат во светот“, ќе бидат вклучени во туризмот за љубителите на природата
Кривините на Деребаши кои се наоѓаат во подрачјето на Чајкара во Трабзон, пред 3 години беа прогласени за „најопасен пат во светот“ од страна на интернет-страницата „www.dangerousroads.org“, која се занимава со промовирање на опасни и тешкопроодни патишта од целиот свет. Овие кривини, преку планината Соганли, која е со надморска височина од 3.500 метри, преку најкраток пат ги поврзуваат градовите Трабзон и Бајбурт.
Овој пат, кој се состои од 13 остри кривини, на одредени места се смета и за поопасен од „патот на смртта“ во Боливија.
Во зимскиот период, Деребаши е често зафатен од магла, дожд, свлечишта, снег и лавини, поради што во светот се смета за еден од најтешките патишта. Се вели дека овој пат за првпат е изграден за време на руската окупација во 1914 година, а на негова изградба работело локалното население.

Овој пат речиси шест месеци во годината се затвора за сообраќај поради снежната покривка.
Подрачниот директор за култура и туризам, Али Ајвазоглу, во разговор за Anadolu Agency (AA) истакна дека овој пат почнува од подрачјето на Оф, и продолжува сè до градот Бајбурт. Кривините на Деребаши предизвикуваат тешки моменти за шоферите кои поминуваат низ него.
Ајвазоглу нагласи дека се зголемува популарноста на овој пат во светот како „тежок пат“. „Овој пат влезе во листата на тешкопроодни патишта во светот. Тој им овозможува еден посебен адреналин на сите кои патуваат во ова подрачје“, додаде тој.
„Покрај оваа карактеристика“, рече Ајвазоглу, „овој пат привлекува внимание и со својата природа.“
„Со реките, зелените планини и чистиот воздух нуди убави погледи за оние кои патуваат на оваа маршрута. Затоа работиме на тоа, ова подрачје да биде вклучено во туризмот. Сакаме да ги обединиме локалните и странските туристи со привлечноста на овој опасен пат“, нагласи Ајвазоглу.
Осврнувајќи се на работите кои ќе се реализираат во областа на туризмот во ова подрачје, Ајвазоглу истакна дека планираат да организизраат низа активности како „off-road“ и планинарство.
„Нашата цел е да овозможиме алтернативни туристички активности во нашето подрачје со природни убавини“, рече Ајвазоглу, додавајќи дека сметаат оти ова подрачје ќе има важна позиција за туризмот во иднина.