Ekipa
12 Декември 2017•Ажурирај: 13 Декември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Северноатлантскиот сојуз (НАТО), го продолжи за уште две години мандатот на Јенс Столтенберг, генералниот секретар на таа воена организација, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од НАТО соопштија дека 29-те членки на Сојузот донеле одлука за продолжување на мандатот на поранешниот норвешки премиер до 30 септември 2020 година.
„Сојузниците му честитаат на генералниот секретар и имаат потполна доверба во неговата способност да продолжи со засилената работа со цел унапредување на приспособувањето на НАТО на безбедносните предизвици на 21. век“, се наведува во соопштението на меѓународната организација.
Германската Влада минатата недела го поддржа продолжувањето на мандатот на актуелниот генерален секретар на НАТО.
Министерката за одбрана, Урсула фон дер Лејен изјави дека Столтенберг има потполна поддршка од Германија и додаде дека како предводник на тоа тело завршил одлична работа во модернизацијата на НАТО и приспособувањето на неговите структури на променетата безбедносна ситуација.