Admir Fazlagikj
05 Март 2016•Ажурирај: 07 Март 2016
СКОПЈЕ (АА) - Наместо верски симбол, во Бутел ќе биде поставено национално обележје. Неофицијално, ова е решението кое вечерва е договорено помеѓу политичките претставници и граѓаните на скопските општини Чаир и Бутел, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити вели дека граѓаните кои кампуваа со шатори на местото каде што беше предвидено да се гради 55-метарскиот крст, од вечерва се повлекуваат со шаторите и веруваат дека наскоро ќе се постигне решение кое е во духот на Рамковниот договор.
"Бидејќи утре православните Македонци имаат празник и ќе ги посетуваат градските гробишта Бутел, каде што гравитираат околу 50 илјади луѓе. Изразувајќи почит кон нивниот празник и во консултација со меѓународниот фактор, институциите и политичките партии, се повлекуваме со шаторите од тука за да не допринесеме за меѓуетнички и меѓуконфесионален раздор, решението треба да биде во духот на Рамковниот договор, почитувајќи го Бадентеровиот принцип, бидејќи овој договор и овој принцип ни го донесоа мирот во 2001 година. Доколку сакаме да придонесеме кон доброто на сите, треба доследно да ги почитуваме спомнатите принципи и договори" , изјави во разговор за АА, градоначалникот на Општина Чаир Изет Меџити.
Екипата на АА го посети местото во Бутел каде што беа удрени темелите за правење на крстот, а каде во знак на протест од вчера престојуваа граѓаните Албанци, во знак на револт поради одлуката на општина Бутел да изгради 55-метарски крст и неофицијално дозна дека политичките претставници постигнале договор наместо предвидениот крст да биде изграден некој од македонските национални симболи, за што постојат информации дека е можно тоа да биде македонското етничко знаме,или пак лавот.
Камен-темелникот за изградба на крстот во општина Бутел беше поставен минатата недела. Тој е донација на Светскиот македонски конгрес. За време на поставувањето камен-темелникот, граѓаните Албанци предводени од нивните политички претставници протестираа против ваквата одлука на општина Бутел, а протестите ги продолжија и вчера поставувајќи шатори на местото каде што беше предвидено да се гради крстот истакнувајќи дека нема да се тргнат се додека ваквата одлука не биде повлечена. Вечерва, после 18 часот група граѓани од македонска етничка припадност на само 500 метри од местоото каде беа поставени шаторите на Албанците, почна да поставува шатори и да се собира во поголем број, но полицијата и безбедносните сили не дозволија да дојде до судир помеѓу овие две спротиставени групи.