Nilay Kar
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
МАЛАТИЈА (АА) - Над 60 проценти од сириските деца во Турција одат на училиште, соопшти денес официјален претставник на турското Министерство за образование, јавуа Anadolu Agency (AA).
Во разговор за АА, Незир Ѓул, генерален директор на секторот за доживотно учење при Министерството за образование, рече: „Ние успеавме да испратиме на училиште 62 отсто од вкупно 975.000 деца од Сирија кои се на училишна возраст. Оваа бројка, претходно изнесуваше околу 20-30 отсто.“
Во Турција престојуваат речиси 3,5 милиони Сиријци, кои избегаа од граѓанската војна во нивната земја.
„Ние ги презедовме сите потребни мерки за да не дозволиме да изостане правото на образование за сириските деца“, рече Ѓул.
„Нашата цел е да ги испратиме сириските деца кои се на училишна возраст во училиште, следејќи го она што го кажува претседателот (Реџеп Тајип Ердоган).“
Официјалниот претставник на министерството изјави дека тие имаат намера сите сириски деца да се школуваат во училишта наместо во Центрите за привремено образование.
„Во моментов имаме 318 Центри за привремено образование. Нашата цел е да го намалиме бројот на Центри за привремено образование и да ги натераме учениците да го продолжат своето образование во училиштата“, додаде тој.
Во Сирија владее граѓанска војна од 2011 година, кога режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад ги разби продемократските протести со неочекувана свирепост.
Оттогаш, според Обединетите нации (ОН) убиени се стотици илјади луѓе.