Besar Ademi
17 Јули 2018•Ажурирај: 17 Јули 2018
СКОПЈЕ (АА) - Под иницијатива на навивачката група „Комити“, стотици граѓани маршираа покрај скопските улици барајќи правда за 21-годишниот Никола Саздовски, член на Комитите, кој почина како резултат на физички напад извршен врз него во населба во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите бараа од надлежните органи да ја извршат својата задача на професионален начин, да ги најдат и казнат оние кои го претепаа Саздовски, и како што рекоа, да не се повторат други убиства на македонските улици.
Маршот започна од плоштадот во скопската населба Автокоманда и продолжи кон Основното јавно обвинителство, каде што демонстрантите запалија свеќи за помен на Саздовски. Демонстрантите се насочија кон зградата на Министерството за внатрешни работи, но откако полициските сили ги спречија да се приближат до зградата, на мирен начин го напуштија местото.
Двајца напаѓачи на 21-годишниот Саздовски се приведени, додека полицијата трага по третото лице. Тие се сомничат дека на 29 јуни го претепале Никола Саздовски на автобуска станица во населба во Скопје, кој по здобиените повреди како резултат на тепањето, десет дена беше во кома, а потоа почина.
Од Обвинителството не откриваат детали за јавноста во врска со случајот, и велат дека истрагата е во тек, дека се преземаат истражни мерки и се собираат материјални докази.
Опозицијата во земјата го обвинува Министерството за внатрешни работи за криење на идентитетот на третото осомничено лице за учество во убиството на Никола Саздовски, нагласувајќи дека се сомневаат оти во овој молк на министерството се кријат политички цели и подготовки за менување на неговиот идентитет.
Од друга страна, македонските власти, вклучувајќи го и премиерот Зоран Заев, апелираа на овој случај да не му се даде етничка, политичка или верска насока, и да се остави Јавното обвинителство да ја заврши истрагата.