Besar Ademi
17 Декември 2015•Ажурирај: 18 Декември 2015
ТЕТОВО (АА) - Илјадници граѓани на Тетово организирани од здружението "Мајка и дете" поддржани од "Еко герила" во знак на протест го изразија своето незадоволство против најголемиот загадувач во овој регион, комбинатот "Југохром", јавува Anadolu Agency (AA).
Точно напладне организаторите на протестот заедно со граѓаните ги блокираа главните влезови во градот со образложение дека надлежните органи не ги преземаат потребните мерки за да го намалат загадувањето. Ова не е прв обид на граѓаните на Тетово да го бараат своето право за чист воздух но овој пат цивилниот сектор вели дека протестите со блокирање на улици ќе продожат и во текот на наредниот период за што добија поддршка и од опозициските партии. Изминатите денови мерењата покажуваа дека во тетовскиот регион присуството на штетните честички (PM 10) е 20 пати поголемо од дозволеното ниво. Поради ваквата, тешка ситуација, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, во среда донесе одлука за прекинување на наставата за средните и основните училишта во градот.
Цивилниот сектор вели дека "Југохром" е главниот виновник за загадениот воздух во регионот на Тетово додека од другата страна Владата на Република Македонија е со став дека "Југохром" не е единствениот загадувач и дека има други фактори кои влијаат на загадувањето.
Инаку, комбинатот "Југохром" кој произведува челик,железо и легури од железо работи од 1952 година и според експертите од тогаш па натаму фабриката е најголемиот загадувач во овој регион.
Во 2005 година Владата усвои законски измени, според кои загадувачите мора да ги исполнат предвидените еколошки стандарди до први април 2014 година, додека Југохром неколку дена пред крајниот рок од Владата побара дополнително време, после што како краен рок за воспоставување на на еколошките стандарди беше 31 октомври 2014 година.
После ова "Југохром" продолжи да работи со неполн капацитет, но не почитувајќи ги предвидените еколошки стандарди, односно поставувањето на филтрите за намалување на загадување на воздухот.