Fatjon Cuka,Cuneyt Davut
06 Јуни 2016•Ажурирај: 07 Јуни 2016
ТИРАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во рамките на дводневната посета на Албанија, во Тирана се сретна со својот колега, Дитмир Бушати, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата која се одржа во зградата на Министерството за надворешни работи, на заедничката прес-конференција Коѕијас изјави дека двете држави имаат голема одговорност за безбедноста на своите државјани и безбедноста во регионот.
Коѕијас ги охрабри обидите за изнаоѓање на решение за проблемите, и порача истото да биде направено во рамките на еден културен дијалог, како што ѝ доликува на Европа.
„На патот кон Европската унија (ЕУ), Грција ќе биде покрај Албанија. Потребно е интензивно да соработуваме. Грција верува дека двете земји не се непријатели“.
Министерот за надворешни работи на Албанија Бушати изјави дека иако работеле на некои прашања меѓу двете земји, кои потекнуваат уште од Втората светска војна, сепак смета дека приоритет имаат работите од кои граѓаните на двете земји ќе имаат корист.
„За заедничка соработка поседуваме партнерство кое има стратешка вредност. Во последно време, разменивме предлози за решавање кои се од заеднички интерес за двете страни. Денеска го договоривме и заедничкиот механизам за нивно спроведување“.
Бушати ги посочи Чам Албанците, кои живеат во северозападниот дел на Грција, и истакна дека на проблемот ќе му пријдат од реален аспект и дека ќе го стивнат постоечкиот национализам. Тој додаде дека Албанија нема никакви претензии врз делови од грчката тероторија.
- Протести на „Чамерија“ насочени кон Коѕијас -
Во меѓувреме, пред Коѕијас да пристигне во Министерството за надворешни работи на Албанија, здружението „Чамерија“ одржа протест.
Пратениците на партијата за Правда, интеграција и единство, придружувани од голем број граѓани, побараа укинување на правните воени одредби меѓу Грција и Албанија.
Во минатото Чамерија (делови од крајбрежната област на Епир и северозападна Грција) била дел од Османлиската територија, но по балканските војни, на Лондонската конференција на амбасадори одржана во 1913 година, како територија со етнички малцинства ѝ била доделена на Грција. За време на Втората светска војна извршен е масакр врз албанското население кое живеело во Чамерија.
Во периодот на етничко чистење на областа, од јуни 1944 година до март 1945 година, убиени се 2.900 мажи, 214 жени и 96 деца, а биле силувани 745 жени. Во 68 села биле запалени 5.800 куќи. Поради етничкото чистење, 35.000 Албанци од Чамерија ги напуштиле своите домови и пребегнале во Албанија.