Evren Aydemir
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел остро ја критикуваше администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп, поради воведувањето давачки за увоз од Европа во САД и рече дека европската страна веќе презела одредени мерки, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Нема да дозволиме никој да нè лаже. Во таков случај, ќе реагираме и одговориме“, порача Меркел за време на синоќешното учеството во емисијата „Anne Will“ на германската телевизија АРД (ARD).
Меркел изјави дека Германија ќе преземе пообемни мерки ако САД воведе царина и на германските автомобили како што се случи со европскиот челик и алуминиум.
Остро критикувајќи го американскиот претседател Трамп и поради најавеното неучество во заедничката изјава на учесниците на земјите од Самитот Г-7, Меркел рече дека е непримерно и многу депримирачки со порака на Твитер да се објавуваат такви работи.
„Критиката нема да доведе до подобрување на состојбата и тоа е причината зошто ние ќе продолжиме да преговараме со Трамп, а самитот на НАТО во Брисел е следната можност за тоа. Ние веќе презедовме некои контрамерки и на 1 јули ќе ги доставиме до Светската трговска организација. И канадскиот премиер Џастин Трудо изјави дека не се откажал од воведувањето санкции за САД. Непреземањето контрамерки е согласност на уцените“, рече Меркел.
Меркел го коментираше и случајот на натурализираните германски фудбалски репрезентативци Месут Озил и Илкај Гундоган, кои беа критикувани за неодамнешната средба и фотографирање со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Убедена сум дека овие двајца играчи не ни помислија на тоа што би можеле фотографиите со претседателот Ердоган да предизвикаат во јавноста. Сигурна сум дека Месут и Илкај не сакаа да ги разочараат германските навивачи“, рече Меркел.
Истакнувајќи дека станува збор за двајца германски репрезентативци, Меркел рече дека на националниот тим за успех му се потребни сите поединци и дека би била среќна да види како фановите им аплаудираат на Месут и Илкај.
На прашањето дали планира да замине за Русија да ги гледа натпреварите на Германската репрезентација на Светското првенство, Меркел рече дека тоа е можно и дека тоа би била можност да разговара со рускиот претседател Владимир Путин.