Ivana Ramadanova
01 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за внатрешни работи на Р. Македонија, Оливер Спасовски, истакна дека во споредба со 37 кривични и десетте прекршочни дела евидентирани при пречекот на 2017 година, синоќа од 21 часот до осум часот утринава биле евидентирани девет кривични и осум прекршочни дела, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Денеска го посетивме Секторот за внатрешни работи како еден од најзначајните сектори, од прва рака да добивме увид како мина новогодишната ноќ. Сакам да ве информирам дека навистина имаме големо намалување на кривичните дела и прекршоци што се случиле за време на новогодишната ноќ во споредба со 2016, односно 2017 година, при што имаме еден тренд на намалување“, истакна Спасовски.
Министерот Спасовски оцени дека воглавно состојбата во текот на прославата на новогодишната ноќ може да се окарактеризира како мирна и стабилна од аспект на безбедноста и јавниот ред и мир, така што генерално, Министерството за внатрешни работи може да биде задоволно од она што е сработено во текот на ноќта но и претходно во деновите пред празниците, особено во делот на превенцијата и едукацијата на јавноста околу употребата на пиротехничките средства и огненото оружје.
„Навистина состојба којашто може да нѐ прави задоволни, но и состојба која покажува дека ако се работи во континуитет, превентивно, подолго време, ќе има и резултати. Така што очекувам ваквите активности, ваквата работа на министерството ќе ја интензивираме и во 2018 година, ќе работиме многу на подобрување на условите за работа на полициските службеници, и заеднички со граѓаните ќе допринесеме за побезбедна Република Македонија“, нагласи, меѓу другото, министерот Спасовски.