Nazmi Abduramani
18 Септември 2016•Ажурирај: 19 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, од денеска до 23 септември 2016 година, ќе престојува во работна посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации во Њујорк, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот Иванов, како што соопштија од неговиот Кабинет, ќе има обраќање на генералната дебата на 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации на тема: „Одржливи развојни цели: универзален притисок за трансформирање на нашиот свет“.
Исто така, македонскиот претседател ќе има свое обраќање и на пленарната сесија на состанокот на високо ниво на Генералното собрание на Обединетите нации, посветена на големите движења на бегалци и мигранти.
Понатаму, Кабинетот на претседателот соопшти дека во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН предвидено е претседателот Иванов да оствари средба со Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, како и повеќе други билатерални средби со шефови на држави и влади, учесници на Генералното собрание.
За време на работната посета на Њујорк, претседателот Иванов ќе оствари средба со Високиот претставник на ОН за Алијансата на цивилизациите, г. Насир Абдулазиз Ал-Насер и ќе биде потпишан Меморандум за соработка меѓу ФОЦ – Фондацијата Алијанса на цивилизации од Скопје и UNAOC – Алијанса на цивилизациите на Обединетите Нации.
Во официјалната делегација предводена од претседателот Иванов е и министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски.