Ekipa
14 Јуни 2017•Ажурирај: 14 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Од службата за итна медицинска помош на Лондон соопштија дека 50 лица се хоспитализирани во пет болници по големиот пожар во повеќекатница во западен Лондон. Истовремено, Дени Котон, комесарка на лондонската противпожарна служба, изјави дека има смртни случаи, но дека во овој момент не може да каже точно колку, јавува Anadolu Agency (AA).
Котон додаде дека станува збор за пожар „без преседан“, и дека во својата 29-годишна кариера не видела толку голем пожар во станбена зграда.
Таа додаде дека екипите на итната медицинска помош се на местото на настанот, додека пожарникарите продолжуваат да се борат со пламенот во зградата од 27 ката, но дека не може да каже колку луѓе ги загубиле своите животи.
Стуарт Кричтон, помошник директор на амбулантната служба истакна дека на терен има околу 100 лекари, заедно со амбулантски персонал и тимови од трауматологија.
Неколку часа по избивањето на пожарот, густиот чад можеше да се види на оддалеченост од неколку километри.
Пожарот избувна околу еден час по полноќ, а брзо се прошири низ зградата. Набрзо на местото на настанот пристигнаа над 20 екипи на итната медицинска помош, околу 200 пожарникари со 45 противпожарни возила.