Ali Cura
30 Мај 2018•Ажурирај: 30 Мај 2018
МОСКВА (АА) - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, денес порача дека нормализацијата на руско-американските односи е возможна доколку САД дадат конкретен предлог за тоа, јавува Anadolu Agency (AA).
Лавров на Меѓународниот форум во Москва изјави дека Русија е подготвена за нормализација на односите со САД.
„Ние не сакаме да имаме конфликтни односи со која било земја, па ниту со САД. Повремено примаме сигнали од американскиот претседател Доналд Трамп и од другите официјални претставници од Вашингтон за неопходноста на процесот за нормализација на нашите односи. Ние сме подготвени на тоа, но чекаме конкретна понуда“, истакна Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи, денес, исто така порача дека со ултиматуми и наметнување решенија не можат да се надминат кризите во светот.
„Нуклеарниот проблем на Корејскиот Полуостров, Договорот за иранската нуклеарна програма, внатрешните судири во Украина или тероризмот во Сирија не можат да се решат со ултиматуми, и секој обид за наметнување на решение е осуден на пропаст“, заклучи Лавров.
Паралелно со тоа, Министерството за надворешни работи на Русија утринава соопшти дека Лавров утре ќе патува во официјална посета на Северна Кореја и за кризата во тој регион ќе разговара со највисоките официјални претставници на оваа земја.
Неговата посета на Северна Кореја се случува во екот на преговорите за одржување на Самитот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и американскиот претседател Трамп, кој првобитно е најавен за 12 јуни во Сингапур.