Dzihat Aliju
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) – Во организација на Црвената полумесечина на Турција, во Скопје беа заклани 350 курбани, меѓу кои и курбаните на претседателот Реџеп Таип Ердоган и на премиерот Бинали Јилдирим, јавува Anadolu Agency (AA).
На колењето курбан, во присуство на ветеринар и верско одговорно лице, присуствуваа и амбасадорот на Турција во Скопје, Омур Шолендил, помошник-претседателот на Црвената полумесечина на Турција, Исмаил Хакки Турунч, како и делегација од Црвената полумесечина.
Амбасадорот Шолендил изјави дека предводени од Црвената полумесечина на Турција, чинот на колење курбан го извршиле повеќе граѓански организации, и додаде дека месото ќе биде поделено на повеќе семејства.
Изразувајќи благодарност до Црвената полумесечина за помошта што им ја даде на настраданите во неодамнешните поплави во Скопје и околината, Шолендил рече: „Како држава, секогаш сме стоеле зад пријателската и братска Македонија, и ова така и ќе продолжи. Честит Бајрам на сите“.
- Колење на дел од курбанот на Ердоган и Јилдирим -
Турунч изјави дека имаат полномошно за колење курбан во повеќе градови, низ многу држави. Поради ова, тие пред два дена пристигнале во Скопје.
Потенцирајќи дека Црвената полумесечина има полномошно од околу 78 илјади добротворци, во 32 различни држави, од кои 50 илјади 230 курбани во Турција, а 27 илјади надвор од државата, тој додаде:
„Пред малку дадовме два курбана, едниот од претседателот Ердоган, другиот од премиерот Јилдирим. Исто така, ги дадовме и курбаните за пратеникот Харун Караџан и за вицепремиерот Вејси Кајнак. За оваа цел, ќе бидат заклани 50 големи грла добиток. Од ова ќе им биде поделено по пет килограми месо на две илјади семејства."
Тој изјави дека на југоистокот на Македонија, во градовите Радовиш и Струмица ќе бидат заклани 1.050 помали грла добиток. „На Балканот ќе бидат дадени вкупно 7 илјади 665 (акции) курбани, ова значи илјада и сто глави. Поделени во пакети од по пет килограми, тие ќе им бидат раздадени на околу 44 илјади семејства“.