Hatem Kattou
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Кристијано Роналдо (32) на вечерашната свеченост „The Best FIFA Football Awards“ во Лондон веќе втора година по ред е избран за најдобар играч на годината според ФИФА, јавува Anadolu Agency (AA).
Португалскиот напаѓач ја доби наградата пред големите ривали, Аргентинецот Лионел Меси и Бразилецот Нејмар.
На Роналдо ова му е пета награда за најдобар играч во светот, според изборот на ФИФА, со што се изедначи со Меси.
За првпат оваа година, ФИФА ја додели наградата и за најдобар голман, а таа му припадна на Италијанецот Џанлуиџи Буфон.
За најдобар тренер на машка екипа е избран Зинедин Зидан, кој со Реал Мадрид освои четири титули.
ФИФА, исто така, го избра и најдобриот тим на светот во кој се наоѓаат: Џанлуиџи Буфон (Јувентус), Дани Алвес (ПСЖ), Леонардо Бонучи (Јувентус / Милан), Серхио Рамос, Марсело (Реал Мадрид), Лука Модриќ, Тони Крос (Реал Мадрид), Андрес Иниеста (Барселона), Нејмар (Барселона / ПСЖ), Лионел Меси (Барселона) и Кристијано Роналдо (Реал Мадрид).
За најдобар тренер на женска екипа е избрана Сарина Вигман (Холандија), додека за најдобра жена фудбалер во светот е избрана Холанѓанката Лике Мартенс (Росенгард / Барселона). Најубавиот гол во изминатата сезона го постигна Оливие Жиру, кому му беше доделена наградата „FIFA Puskas 2017“.
Наградата за најдобри навивачи ја добија навивачите на Селтик, додека наградата на ФИФА за фер игра ја доби Тогоанецот Франсис Коне, кој за време на натпреварот од чешката лига му го спаси животот на голманот Мартин Берковец.