Mustafa Deveci
19 Јули 2018•Ажурирај: 19 Јули 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот Парламент (Кнесет) го усвои Нацрт-законот кој Израел го дефинира како еврејска држава-нација, јавува Anadolu Agency (AA).
Кнесетот рано утринава се изјасни, и со 62 гласа „за“ и 55 „против“, го усвои Нацрт-законот кој предизвика големи полемики и критики во тој регион.
Израелската опозиција се противи на овој нацрт, а арапските пратеници во Кнесетот, во знак на протест, по изгласувањето ги искинаа копиите на спорниот текст.
Во екот на зголемени тензии, обезбедувањето на парламентарната сала ги отстранија арапските пратеници.
Од друга страна, еврејските парламентарци кои гласаа за усвојување на Нацрт-законот, славеа и се фотографираа со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој е главен протагонист на овој акт.
И израелскиот претседател Рувен Ривлин претходно го критикуваше спорниот нацрт кој ги занемарува речиси сите права на околу 2 милиона Палестинци кои се државјани на Израел, додека Евреите ги става во привилегирана позиција на граѓани од прв ред.
Ривлин во писмо, упатено до парламентарците, наведе дека Нацрт-законот би можел да ги навреди Евреите кои живеат во другите земји и дека Израел би можел да биде цел на жестоки напади, поради дискриминација на нееврејското население. Тој бараше ревидирање на спорните одредби на Нацртот, што владеачката опција во Парламентот не го уважи.
Со оглед на тоа што Израел нема класичен устав, туку „темелни закони“ кои се највисок акт на оваа земја, усвоениот Нацрт-закон ќе биде сместен во него и Израел ќе ја дефинира како држава-нација на сите Евреи.
Израелските власти и досега спроведуваа дискриминаторска политика кон арапското население, а со новиот нацрт, тоа е легализирано. Така арапскиот јазик ќе го изгуби статусот на службен јазик, статус кој ќе го има исклучиво еврејскиот јазик.
Меѓу останатото, еврејските празници се прогласени за државни, а Ерусалим за главен град на Израел.
Поголемиот дел од одредбите на овој нацрт се во спротивност со постоечката законска одредба дека во Израел сите граѓани имаат еднакви права и можности.
Прогласувањето на Израел за татковина на сите Евреи, исто така ги занемарува правата на Палестинците на нивната окупирана земја.
Во оваа насока, исто така, се поттикнуваат Евреите од другите земји на доселување во Израел, а се блокира враќањето на протераните Палестинци.